logo
logo
logo

Осуммина повредени на Традиционалниот фестивал Сан Фермин во Шпанија

Vecer | 08.07.2025

Осуммина повредени на Традиционалниот фестивал Сан Фермин во Шпанија

Еден човек бил прободен од рог на бик, а седум други лица се полесно повредени во вторникот, на вториот ден од фестивалот Сан Фермин во Памплона, за време на традиционалната трка со бикови што со векови привлекува илјадници луѓе по тесните улици на средновековниот град.

Мажот кој беше избоден има 25 години и претрпел повреда од рог под десната пазува. Тој е стабилен и е во болница, изјави портпаролката на Службата за итни случаи.

– Тој моментално е под надзор, но е во стабилна состојба – изјави таа за новинарите.

Останатите седум повредени се здобиле со модринки и контузии, претежно во пределот на рамото или главата.

За време на фестивалот се одржуваат таканаречени „енсиероси“ – трки со бикови во кои борбените бикови се пуштаат на улиците и трчаат кон арената за бикови. Стотици ентузијасти, многумина во традиционални бели кошули и црвени шалови, трчаат покрај нив.

Во вторникот наутро, еден од биковите застанал на средина од трката и ги напаѓал тркачите неколку напнати минути.

Фестивалот, кој доби светска слава благодарение на романот „И сонцето изгрева“ (1926) од Ернест Хемингвеј, трае една недела на почетокот на јули.

Учесниците повремено се здобиваат со повреди за време на слични фестивали на трчање со бикови што се одржуваат секоја година низ Шпанија. Најмалку 16 тркачи досега ги загубија животите на фестивалот во Памплона, последниот пат во 2009 година.

Покрај утринското трчање со бикови и попладневните борби во арената за бикови, фестивалот Сан Фермин вклучува и непрекинато пеење, танцување и пиење, кое трае дење и ноќе. Фестивалот вклучува и религиозни настани во чест на светецот-заштитник.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk