Силни експлозии од утринските часови одекнаа во Ерусалим и Тел Авив, соопштуваат повеќе медиуми од регионот.
Израелската војска најави дека се очекуваат нови ракетни напади од Иран, по што беа активирани сирени за воздушна опасност во голем број израелски градови.
Околу 7:10 часот утрово по локално време, во Ерусалим беа регистрирани најсилните експлозии досега од почетокот на конфликтот, кои се поврзуваат со израелскиот напад врз Иран започнат на 13 јуни.
Израелските одбранбени сили известија за лансирање на балистички ракети од Иран, проследено со активација на сирени во централниот, северниот и јужниот дел на Израел, како и во Ерусалим. Граѓаните се повикани да останат во засолништа додека не биде дадено ново известување.
Екипи за итна медицинска помош беа распоредени во областите погодени од ракетните напади во централен и јужен Израел. Во текот на денешниот напад бројот на ракети бил значително поголем отколку претходните налети, известуваат локалните медиуми.
Според информациите, има повредени меѓу населението, а најмалку четири локации биле погодени од последниот бран ракети испукани кон територијата на Израел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата