Америка целосно го поддржува планот на Европската Унија да ги користи замрзнатите руски средства како клучна алатка за помош на Украина и завршување на војната, потврди вчера американски извор запознаен со ситуацијата, пишува Ројтерс.
План вреден милијарди
Додека Западот бара нови начини за зголемување на притисокот врз Москва, Европската комисија предложи механизам што ќе им овозможи на владите на членките на ЕУ да користат до 185 милијарди евра од вкупно 210 милијарди евра руски државни средства што моментално се замрзнати во Европа, без нивна формална конфискација.
Вашингтон „апсолутно ја поддржува (ЕУ) и чекорите што ги преземаат во моментов за да бидат во позиција да ги користат тие средства како алатка“, рече изворот, кој зборуваше под услов да остане анонимен поради чувствителноста на темата.
Белгиски сопирачки и руски закани
Откако рускиот претседател Владимир Путин започна инвазија на Украина во 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со централната банка и Министерството за финансии на Русија, имобилизирајќи околу 300 милијарди долари руски државни средства низ целиот свет.
Сепак, европскиот предлог во моментов е во застој поради загриженоста на Белгија, земјата каде што се наоѓаат повеќето од овие средства.
Тензиите растат, а Германија вчера посочи дека неодамнешните видувања на беспилотни летала над аеродромите и воените бази во Белгија можеби биле порака од Москва да не ги допира замрзнатите средства.
Москва негираше каква било поврзаност со инцидентите, но вети „болен одговор“ ако нејзиниот имот биде конфискуван.
Притисок врз нафтените гиганти
Во обид да се стави крај на војната, американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на минатиот месец воведе санкции против Роснефт и Лукоил, двете најголеми руски нафтени компании.
Овој потег следеше по невиден пакет економски санкции насочени кон притисок врз Москва и нејзините партнери.
Намерата на Вашингтон е да ги исцеди руските финансии и да го принуди Кремљ на мировен договор во војна што трае три и пол години.
Американската страна ги следи последиците од санкциите против Роснефт и Лукоил и вели дека „сè уште има работи што би можеле да ги направиме за да се обидеме да го зголемиме притисокот“, заклучи изворот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата