Лидерите на земјите членки на НАТО во утре и во среда ќе се соберат на самит во турската престолнина Анкара, каде што се очекува европските сојузници да го преземат главниот товар за одбрана на сопствениот континент. Оваа трансформација, популарно наречена „НАТО 3.0“, означува ребалансирање на сојузот во кој Европа ќе ја води конвенционалната одбрана преку своите копнени, воздушни и поморски сили, додека САД ќе го задржат нуклеарниот чадор и стратешките разузнавачки податоци, пренасочувајќи го својот фокус кон Индо-пацифичкиот регион.

Под силен притисок на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се закани со преиспитување на безбедносната поддршка поради недоволното трошење на сојузниците и нивното одбивање да ја поддржат Америка во војната со Иран, земјите членки уште на претходниот самит во Хаг прифатија драстично зголемување на воените буџети до 5 проценти од БДП до 2035 година. Иако Полска, Германија, скандинавските и балтичките земји предничат во овие промени, држави како Албанија, Чешка и Словенија, кои годинава би можеле да паднат под претходниот лимит од 2 проценти, се соочуваат со зголемен притисок од Вашингтон.

Трамп во последно време влезе во отворени судири со неколку европски лидери, вклучувајќи ја и италијанската премијерка Џорџа Мелони, но неговите одлични односи со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беа клучни тој воопшто да отпатува за Анкара. За да ги смири тензиите, генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, веќе презентираше податоци во Белата куќа кои покажуваат дека Европа и Канада го зголемиле одбранбениот буџет за речиси 20 проценти, со дополнителни 140 милијарди долари за оваа и следната година.
На самитот ќе биде усвоена завршна декларација со која ќе се потврди членот 5 за колективна одбрана, а ќе биде најавен и пакет помош за Украина од вкупно 140 милијарди евра за две години, сума која вклучува заеми од ЕУ и билатерална помош од членките, но без финансиско учество на САД, кои по враќањето на Трамп во Белата куќа целосно го прекинаа военото финансирање за Киев. Во декларацијата исто така ќе биде наведено дека Русија е долгорочна закана за евроатлантската безбедност, дека Иран никогаш не смее да развие нуклеарно оружје, а ќе биде упатен и повик до Техеран за почитување на слободната пловидба во Ормускиот Теснец.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата