Американскиот претседател Доналд Трамп денеска во Вашингтон на средба со италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека САД и Европската унија (ЕУ) сигурно ќе постигнат договор за царините.
Трамп рече дека „нема да биде проблем да се договори со Европа“, бидејќи има „нешто што сите сакаат“, а Мелони го покани да ја посети Италија и да се сретне со лидерите на ЕУ, што тој го прифати, наведува Би-би-си.
Мелони, првиот шеф на европска земја што се сретна со Трамп откако тој воведе (од суспендираните) царини од 20 отсто за стоките од ЕУ на 2 април, исто така изрази уверување дека може да постигне договор со американскиот претседател за тарифите.
Таа му рече на Трамп дека целта на Европа и САД треба да биде „да го направат Западот повторно голем“.
„Знам дека кога зборувам за Запад, не зборувам за географски простор. Зборувам за цивилизација и сакам да ја направам таа цивилизација посилна“, рече Мелони, која всушност ја претставува ЕУ на средбата со Трамп и која беше во близок контакт со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред нејзиното патување во САД.
ЕУ го брани она што го нарекува „најважниот трговски однос во светот“, бидејќи годишната трговска размена меѓу САД и Унијата изнесува 1.600 милијарди евра.
Трговските преговори се одговорност на Европската комисија, која се залага за договор со Вашингтон кој нема да предвидува царини во меѓусебната трговија.
Трамп инсистира на тоа дека има минимална царина од 10 отсто за увоз на стоки во САД од сите земји. Неодамна ја суспендираше примената на царините од 20 отсто за производите од ЕУ на 90 дена за да создаде простор за преговори.
На средбата со Мелони, Трамп исто така изрази надеж дека Европа повторно ќе биде „одлична“ и ја обвини имиграцијата за многу нејзини проблеми.
Мелони рече дека ја поддржува „војната против илегалната миграција“ и додаде дека таа и Трамп се заедно во борбата „против вок идеологијата и идеологијата за различност, еднаквост и вклучување што ќе ја избришат историјата“.
Трамп ја пофали Мелони за цврстиот став кон имиграцијата и додаде дека „посакува да има повеќе луѓе како неа“.
На новинарско прашање за партнерството меѓу САД и Италија, Мелони се осврна на војната во Украина.
„Заедно ја одбранивме слободата на Украина, заедно можеме да донесеме траен мир“, рече Мелони.
Одговарајќи на прашањето кога рускиот лидер Владимир Путин треба да одговори на предлогот на САД за прекин на огнот во Украина за да се избегнат американските санкции, Трамп рече дека Вашингтон ќе има контакт со Москва оваа недела.
Трамп рече и дека договорот со Украина, кој на САД ќе им овозможи пристап до важни минерали во таа земја, ќе биде потпишан на 24 април.
„Имаме договор за минерали“, рече Трамп во Овалната соба за договорот што требаше да го потпише на 28 февруари со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но нивниот состанок во Белата куќа потоа прекина по расправија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата