Соединетите Американски Држави (САД) го објавија официјалниот текст на меморандумот за разбирање постигнат со Иран за време на викендот, што претставува прв чекор кон постигнување траен мир на Блискиот Исток, но и со што се отвора патот за натамошни преговори за нуклеарната програма на Техеран и за олеснување на одредени санкции, пренесува Си-ен-ен.
Рамковниот договор е постигнат за време на викендот меѓу Вашингтон и Техеран со цел ставање крај на воениот конфликт што започна на 28 февруари. И двете страни договорот го оценија како дипломатска победа, истовремено предупредувајќи дека непочитувањето на преземените обврски може повторно да доведе до ескалација на судирите.
Документот е насловен како „Меморандум за разбирање од Исламабад меѓу Соединетите Американски Држави и Исламската Република Иран“ и треба да биде потпишан в петок во Швајцарија, со што се отвара 60-дневен период за преговори за конечен мировен договор.
Меморандумот содржи 14 точки, меѓу кои и одредба за итен и траен прекин на сите воени дејствија меѓу САД и Иран, како и нивните сојузници, вклучително и на територијата на Либан. Документот предвидува и заемно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, како и обврска за немешање во внатрешните работи на двете држави.
Предвидува и повторно отворање на Ормускиот Теснец, олеснување на дел од санкциите и финансиските ограничувања кон Иран, како и почеток на технички разговори за решавање на прашањата поврзани со неговата нуклеарна програма.
Објавувањето на текстот следи по критиките на јавноста дека содржината на договорот не е транспарентна и не е достапна за увид.
Американските медиуми претходно објавија детали од нацрт-верзијата на документот. Официјално објавениот текст во голема мера се совпаѓа со претходниот нацрт, но содржи одредени јазични измени, како и одредба за „минимална методологија“ за неутрализирање на иранските залихи на високо збогатен ураниум, која не беше експлицитно наведена во претходната верзија.
Што предвидува меморандумот меѓу САД и Иран:
Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран содржи 14 точки кои треба да послужат како основа за постигнување конечен мировен договор во рок од 60 дена.
Првата точка предвидува итен и траен прекин на сите воени операции меѓу САД, Иран и нивните сојузници на сите фронтови, вклучително и во Либан. Во документот се наведува дека ниту една страна нема да презема воени дејствија ниту да упатува закани кон другата, а ќе бидат почитувани суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан. Сепак, останува нејасно како на оваа одредба ќе реагира Израел, особено во контекст на операциите против Хезболах.
Втората точка се однесува на заемно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на двете држави, како и на обврската за немешање во внатрешните работи. Аналитичарите оценуваат дека оваа одредба би можела да предизвика критики од иранските опозициски и дисидентски групи.
Според третата точка, Вашингтон и Техеран се обврзуваат во рок од најмногу 60 дена да постигнат конечен мировен договор, со можност рокот да биде продолжен со заемна согласност.
Четвртата точка предвидува постепено укинување на американската поморска блокада и отстранување на сите ограничувања за иранските пристаништа. Процесот треба да заврши во рок од 30 дена, а по потпишувањето на конечниот договор САД ќе ги повлечат силите распоредени во близина на Иран.
Во петтата точка се предвидува повторно отворање на Ормускиот Теснец. Иран се обврзува да обезбеди безбеден и бесплатен премин за трговските бродови, додека сообраќајот треба да биде обновен веднаш по отстранувањето на техничките и безбедносните пречки. Во иднина, Техеран треба да соработува со Оман и другите држави од Персискиот Залив за воспоставување поширок механизам за управување со теснецот.
Шестата точка предвидува подготовка на план за обнова и економски развој на Иран вреден најмалку 260 милијарди евра. Средствата треба да бидат обезбедени преку меѓународни и регионални партнери, а американски претставници нагласуваат дека САД немаат обврска директно да финансираат проекти во Иран.
Седмата точка се однесува на постепено укинување на економските санкции кон Иран, вклучително и оние воведени преку резолуции на Советот за безбедност на ОН и едностраните американски санкции. Точната временска рамка ќе биде договорена во текот на преговорите.
Во осмата точка Иран се обврзува дека нема да развива ниту да набавува нуклеарно оружје. Дополнително, двете страни ќе преговараат за начинот на управување со резервите на високо збогатен ураниум, кои ќе бидат ставени под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија.
Точките девет и десет предвидуваат задржување на постојната состојба околу иранската нуклеарна програма додека траат разговорите. Во меѓувреме, САД нема да воведуваат нови санкции и ќе дозволат одредени извозни и финансиски активности.
Единаесеттата точка се однесува на ослободување на замрзнатите ирански средства. Дел од имотот ќе биде ставен на располагање веднаш по потпишувањето на меморандумот, а останатите средства ќе бидат ослободени доколку Иран ги исполни преземените обврски.
Последните три точки предвидуваат воспоставување механизам за следење на спроведувањето на договорот, почеток на преговорите за конечниот мировен договор и негово потврдување со обврзувачка резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Можни различни сценарија за потпис на меморандумот
Според најавите, меморандумот за разбирање во швајцарското одморалиште Биргеншток би можеле да го потпишат американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и претседателот на иранскиот парламент Мохамад Бакер Галбаф. Во меѓувреме, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека постои можност документот да го потпишат и претседателите на Иран и на САД, Масуд Пезешкијан и Доналд Трамп.
Се разгледува и опцијата Пезешкијан и Трамп да учествуваат на состанокот во Швајцарија од далечина и да го потпишат меморандумот за разбирање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата