logo
logo
logo

На тајна снимка Трамп му се заканувал на Путин: „ЌЕ ЈА БОМБАРДИРАМ МОСКВА!“

Vecer | 09.07.2025

На тајна снимка Трамп му се заканувал на Путин: „ЌЕ ЈА БОМБАРДИРАМ МОСКВА!“

Американскиот претседател Доналд Трамп на приватен состанок на донатори во 2024 година изјави дека еднаш се обидел да го одврати рускиот претседател Владимир Путин од напад врз Украина, заканувајќи му се дека ќе ја „бомбардира Москва“ ако го стори тоа, според аудио-снимка до која дојде Си-ен-ен.

„Му реков на Путин: „Ако влезеш во Украина, ќе ја бомбардирам Москва. Немам избор“, се слуша како вели Доналд Трамп на снимка од донаторски митинг.

„И потоа Путин рече: „Не ти верувам“. „Но, тој ми веруваше 10 проценти“, додаде Трамп.

Американскиот претседател, исто така, тврдеше дека испратил слична порака до кинескиот претседател Си Џинпинг, предупредувајќи го дека САД ќе го бомбардираат Пекинг доколку Кина го нападне Тајван.

„Мислеше дека сум луд. Но, никогаш немавме проблем“, рече Трамп за Си.

Снимки од неколку настани за собирање средства зад затворени врати во кампањата за реизбор на Трамп во 2024 година во Њујорк и Флорида, до кои дошле новинарите Џош Доузи, Тајлер Пејџер и Исак Арнсдорф, се објавени во нивната нова книга „2024“ и досега не се презентирани на јавноста, објави Си-ен-ен.

Тимот на Трамп одби да коментира за нивната содржина, според американската телевизија.

Оваа недела, Трамп го изрази своето незадоволство од отфрлањето на мировниот договор со Украина од страна на Путин и рече дека рускиот претседател „продава еден куп глупости“ на САД.

„Не сум задоволен од Путин. Многу сум незадоволен од него“, рече Трамп за време на состанокот на неговиот кабинет, според Си-ен-ен.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk