logo
logo
logo

По Фолксваген и МЕРЦЕДЕС РАЗМИСЛУВА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ОРУЖЈЕ

Vecer | 16.05.2026

По Фолксваген и МЕРЦЕДЕС РАЗМИСЛУВА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ОРУЖЈЕ

По автомобилскиот гигант Фолксваген, и германскиот производител Мерцедес размислува за префрлање на дел од своите капацитети кон воената индустрија, пренесуваат германските медиуми. Претседателот на управниот одбор на Мерцедес-Бенц, Ола Келениус, во интервју за „Волстрит журнал“ истакна дека светот станал уште понепредвидлив и дека Европа мора да го прошири својот одбранбен профил, при што компанијата е подготвена да одигра позитивна улога во тој процес.

Според него, автомобилската индустрија е веќе докажана во производството на прецизни машини со висок квалитет, што ја прави погодна и за воена опрема. Тој сепак нагласи дека производството на автомобили ќе остане јадрото на Мерцедес, додека наменското производство би претставувало растечка бизнис ниша која ќе придонесе за вкупниот профит. Келениус потсети дека компанијата и сега активно придонесува за безбедноста на НАТО, со оглед на тоа што многу верзии на нивната позната Г-класа веќе се користат како воени возила ширум светот.

Пред Мерцедес, влезот во воената индустрија го најави и Фолксваген. Според германските медиуми, нивниот погон за каросерии во Оснабрик би можел да биде преземен од израелскиот концерн „Рафаел“, кој во северна Германија би произведувал делови за својот противракетен систем „Железна купола“. Претседателот на управниот одбор на Фолксваген, Оливер Блуме, исто така најави поголем ангажман во секторот за воени транспортери. Овие стратешки пресврти доаѓаат во време кога германската автомобилска индустрија веќе неколку години по ред се соочува со сериозен пад на побарувачката, најави за отпуштање на илјадници работници и затворање на фабрички погони.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk