Јулија Свириденко потврди на 12 јули дека поднесува оставка од функцијата премиерка на Украина, откако претседателот Володимир Зеленски најави реконструкција на владата. Нејзината оставка изненади дел од пратениците во партијата „Слуга на народот“ на претседателот Зеленски и поттикна шпекулации за вистинските мотиви зад оваа одлука, пишува „Киев Индепендент“.
„Ситуацијата е чудна“, изјави еден пратеник за „Киев Индепендент“ под услов да остане анонимен. „Оставките во владата по правило се крајна мерка. Тоа обично се очекува на есен, кога започнува политичката сезона и кога луѓето, со оглед на тоа што нема избори, очекуваат некои политички промени.“ Пратеникот додаде дека не гледа очигледна причина за смената на Свириденко.
Нова политичка стратегија
Свириденко, која во јули 2025 година го замени поранешниот премиер Денис Шмихал, сега ќе преземе нова улога во водењето на соработката со клучните украински партнери, објави Зеленски на социјалните мрежи. „Украина ја менува својата политичка стратегија.
Секој приоритетен надворешнополитички правец ќе биде надгледуван од одредено лице со богато искуство, способно да ги исполни договорите постигнати на ниво на лидери и да ги исполни очекувањата на украинскиот народ“, напиша Зеленски. „За деталите разговарав со украинската премиерка Јулија Свириденко. Се согласивме дека спроведувањето на овие промени бара обнова на Кабинетот на министри.“
Свириденко, која претходно го водеше Министерството за економија, на социјалните мрежи напиша дека се сретнала со претседателот Зеленски за да разговараат за предизвиците, промените потребни за зајакнување на работата на владата и односите на Киев со меѓународните партнери. Таа додаде дека ќе продолжи да ѝ служи на украинската држава. Одлуката сè уште треба да биде одобрена од парламентот.
Кои се можните наследници?
Партијата на Зеленски ќе се состане на 14 јули за да расправа за кадровските промени, изјавија двајца пратеници за „Киев Индепендент“. Можни кандидати за наследник на Свириденко се шефот на државната енергетска компанија „Нафтогаз“, Сергеј Коретски, министерот за енергетика Денис Шмихал, кој беше премиер од 2020 до 2025 година, министерот за одбрана Михајло Федоров и градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави пратеник од партијата на Зеленски.Зеленски на социјалните мрежи објави дека претходно во текот на денот поединечно се сретнал со сите четворица функционери. Корецки моментално се смета за главен кандидат, иако еден пратеник изјави: „Воопшто не го познавам. Никогаш претходно немам слушнато за него.“ Друг пратеник од партијата, под услов да остане анонимен, изјави дека „засега сè е само шпекулација“.
Надворешнополитички приоритети
Говорејќи за новата политичка стратегија, Зеленски напиша дека надворешнополитичките приоритети на Киев вклучуваат договори со САД за лиценцирано производство на проектили за противвоздушна одбрана „Патриот“ европски проект за противбалистички проектили, процесот на пристапување на Украина во ЕУ, како и обнова на односите со Унгарија и Полска.
Останатите приоритети ги опфаќаат односите на Киев со земјите од Заливот во поглед на економската и безбедносната соработка, како и понатамошниот ангажман со Кина и меѓународните организации со цел да се стави крај на руската инвазија. Зеленски најави и промени во раководството на украинските органи за спроведување на законот, иако не прецизираше за кои точно станува збор.
Последната голема реконструкција на владата украинскиот лидер ја спроведе во јануари 2026 година, по големиот корупциски скандал од ноември 2025 година кој ги вклучуваше членовите на неговиот најтесен круг, вклучувајќи го и поранешниот шеф на Кабинетот на претседателот, Андриј Јермак.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата