Авионот на „Ер Индија“, кој се урна во Ахмедабад кратко по полетувањето, превезуваше 242 патници, а еден патник преживеа, изјави началникот на полицијата, Г.С. Малик, пренесоа повеќе медиуми.
Станува збор за британски државјанин кој седел на седиштето 11A во авионот Боинг 787-8 Дримлајнер, објави Би-Би-Си.
За индиската новинска агенција АНИ, Малик изјавил дека преживеаниот „се наоѓа во болница и е на лекување“.
Претходно објавената листа на патници, која ја споделија властите, наведува дека станува збор за патникот Вишваш Кумар Рамеш.
Индиските медиуми наведуваат дека разговарале со Вишваш во болницата. Тој ја покажал својата карта за чекирање, на која се гледа неговото име и бројот на седиштето 11A.
– Триесет секунди по полетувањето се слушна силна бучава и потоа авионот се сруши. Сè се случи многу брзо. Кога станав, околу мене имаше тела. Бев преплашен. Станав и почнав да бегам. Имаше парчиња од авионот насекаде околу мене. Некој ме фати, ме стави во возило на брза помош и ме однесе во болница – рекол Рамеш, пренесе Скај њуз.
Британецот Вишваш Кумар Рамеш (40), единствениот преживеан од уривањето на авион на „Ер Индија“ во Ахмадабад, контактирал со семејството и им соопштил дека е „во ред“, изјави неговиот братучед Ајеј Валги за Би-Би-Си њуз.
Според весникот „Хиндустан Тајмс“, Рамеш преживеал, а Валги додаде дека тој бил сместен до својот брат на летот и дека има сопруга и мал син дома.
На прашањето дали Рамеш е единствениот преживеан, Валги потврдил дека добил таква информација, но дека не е сигурен.
– Да, чувме така, но не можеме да потврдиме сè додека не добиеме официјална информација – рекол тој.
Тој истакна дека семејството е среќно што Рамеш е жив, но длабоко тажно поради судбината на неговиот брат.
– Не ни е добро, сите сме вознемирени. Многу сум вознемирен, тој не ми е само братучед, туку и брат и најдобар пријател – рече Валги, додавајќи дека семејството чека информации за она што се случило со братот на Рамеш.
За потсетување, експертите се сомневаат во технички проблеми со авионот како можен причинител на падот. Експертот за авијација Џулијан Бреј изјави дека пилотите извикале „помош“, но дека е необично ваквиот авион да има технички проблеми.
Според наводите на локалните власти, досега се пронајдени најмалку 204 тела на местото на несреќата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата