Холандското Министерство за одбрана итно бара цивилни камиони, тешки транспортни возила и квалификувани возачи со цел да се подготви за евентуално брзо распоредување на армијата поради растечките тензии во Источна Европа, објавија денес холандските медиуми.
Како што изјавија претставници на министерството, се очекува армијата на Холандија до јули точно да објави што ѝ е потребно од холандските транспортни компании, сè со цел што побрзо да се организира мобилизација доколку има потреба од тоа.
Со компаниите ќе се склучат долгорочни договори за плаќање на услугите, а од нив би можеле да се побараат камиони и други возила способни за транспорт на тенкови, како и оние обучени за транспорт на опасни материјали како што е муниција.
Реакција на ненадејната мобилизација на руската армија
Овој чекор е последица на зголемениот ризик од ненадејна мобилизација на руската армија, особено во Калининград, според Nl Times.
Русите распоредуваат 300.000 војници за ден
Како што изјавија неименувани извори за холандскиот медиум AD, до 300.000 руски војници би можеле да бидат распоредени во таа руска енклава што се наоѓа помеѓу Полска и Литванија во рок од два дена.
Како што е наведено, холандската армија во моментов нема транспортни капацитети и персонал, а за да се надмине оваа ситуација, Министерството за одбрана преговара со логистички компании за обезбедување на возила со персонал.
Како што изјави еден извор, министерот за одбрана Рубен Брекелманс неодамна јасно стави до знаење дека транспортниот сектор сега е од клучно значење.
Способност за брза мобилизација или голем проблем
Претседателката на организацијата Транспорт и логистика на Холандија, Елизабет Пост, ја нагласи важноста на брзата мобилизација.
„Ако не можете брзо да ги преместите вистинските работи на вистинското место во вистинско време за да ја заштитите вашата безбедност, тогаш имаме проблем“, рече таа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата