Француски истражен судија од одделот за злосторства против човештвото отвори официјална истрага за тоа дали Саудиска Арабија и престолонаследникот Мухамед бин Салман се поврзани со бруталното убиство на новинарот Џамал Кашоги во 2018 година. Оваа одлука доаѓа по повеќегодишни правни расправии, а веста за агенцијата AFP ја потврди и Националното обвинителство за борба против тероризмот на Франција.
Процесот беше покренат уште во јули 2022 година за време на посетата на саудискиот принц на Париз, кога организацијата каде што работеше Кашоги, „DAWN“, и групата за човекови права „Триал интернешнл“ поднесоа петиција до француските судови, на која подоцна се приклучи и организацијата „Репортери без граници“. Адвокатот на оваа организација, Емануел Дауд, истакна дека ова е гнасно злосторство, испланирано на највисоко ниво на саудиската држава за да се погуби еден независен дисидентски глас.
Џамал Кашоги, кој живееше во САД и пишуваше критички текстови за саудискиот режим во „Вашингтон пост“, беше задавен и распарчен во октомври 2018 година во саудискиот конзулат во Истанбул. Иако официјален Ријад негира вмешаност, американските разузнавачки служби уште тогаш проценија дека престолонаследникот Бин Салман е директно одговорен за нарачката на убиството, а новата истрага во Франција повторно го отвара ова прашање на меѓународна сцена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата