Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на деескалација на конфликтот меѓу Иран и Израел, а во разговор со рускиот претседател Владимир Путин испрати речиси отворена порака до американскиот претседател Доналд Трамп, кој моментално размислува за вклучување на САД во војната, објави Си-Ен-Ен.
Јасна порака до Вашингтон
Според кинеското Министерство за надворешни работи, Си рекол дека „меѓународната заедница, особено големите сили кои имаат посебно влијание врз страните во конфликтот, треба да дејствуваат за смирување на ситуацијата, а не обратно“. Иако тој не ги спомена експлицитно САД, пораката беше јасно насочена кон Вашингтон.
За време на разговорите, Си повика на итно прекин на огнот, апелирајќи до двете страни да ги прекинат нападите, но „особено до Израел“.
„Страните во конфликтот, особено Израел, треба што поскоро да го прекинат огнот за да спречат понатамошна ескалација и решително да избегнат прелевање на војната“, му рекол Си на Путин, според кинески извештај.
Кремљ: Си ја поддржува иницијативата на Путин
Кремљ соопшти дека двајцата лидери ги осудија нападите на Израел врз Иран, а Путин повторно понуди Русија да ја преземе улогата на посредник. Си ја поддржа иницијативата.
„Путин ја потврди подготвеноста на Русија да преземе евентуална посредничка улога, доколку е потребно. Кинескиот лидер изрази поддршка за таквата иницијатива, верувајќи дека таа би можела да придонесе за деескалација на сегашната исклучително напната ситуација“, изјави советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата