Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му искажа поддршка на унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори во Унгарија закажани за 12 април, истакнувајќи дека се радува на продолжувањето на блиската соработка со него.
Во објава на социјалната мрежа „Truth Social“, Трамп го опиша Орбан како силен и моќен лидер, кој постигнува значајни резултати и неуморно работи за својата земја и народ, исто како што и тој лично работи за САД.
Тој наведе дека Орбан работи на заштита на Унгарија, развој на економијата, отворање работни места, унапредување на трговијата, сузбивање на илегалната имиграција и зачувување на законот и редот.
Трамп додаде дека односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнале ново ниво на соработка за време на неговата администрација и дека се радува на продолжувањето на блиската соработка со Орбан.
„Се радувам на продолжувањето на блиската соработка со него за да можат двете наши земји понатаму да го унапредуваат овој исклучителен пат кон успехот и соработката. Бев горд што го поддржав Виктор за реизборот во 2022 година и чест ми е што го правам тоа повторно“, напиша американскиот претседател.
Тој ги повика граѓаните на Унгарија да излезат на изборите и да гласаат за Орбан, нагласувајќи дека му дава целосна и апсолутна поддршка за реизбор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата