Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, денес оцени дека во случајот со Иран, дипломатијата не успеала, бидејќи официјален Техеран минатата недела започна преговори со САД, но потоа Израел одлучи да го нападне Иран и да „ја поништи дипломатијата“.
„Оваа недела бевме во разговори со E3/EU кога САД одлучија да ја откажат и таа дипломатија. За Велика Британија и високиот претставник на ЕУ, Иран е тој што мора да се „врати“ на преговарачката маса. Како може Иран да се врати на нешто што никогаш не го напуштил, а камоли да го уништил?“, праша Аракчи во својата објава на мрежата X.
Аракчи претходно денес предупреди дека нападите на САД врз нуклеарните постројки на Иран „ќе имаат трајни последици“, велејќи дека официјален Техеран ги задржува сите опции за одговор, објави The Times of Israel претходно денес.
„Настаните од утрово се скандалозни и ќе имаат трајни последици. Во согласност со Повелбата на Обединетите нации (ОН) и нејзините одредби што дозволуваат легитимен одговор во самоодбрана, Иран ги разгледува сите опции за да го одбрани својот суверенитет, интереси и народ“, рече Аракчи.
Тој оцени дека Соединетите Американски Држави, постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, извршиле сериозно кршење на Повелбата на ОН и меѓународното право со нападот врз мирнодопските нуклеарни постројки на Иран.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата