Русија и Кина ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН насочена кон повторно отворање на Ормускиот теснец, иако текстот беше омекнат неколку пати за двете земји да се воздржат од гласање, објавува АП.
11 земји гласаа за резолуцијата, две беа против, а две воздржани, а гласањето се одржа само неколку часа пред рокот што го постави американскиот претседател Доналд Трамп за Иран да го отвори овој стратешки воден пат или да се соочи со напади врз електрани и мостови.
Дури и да беше усвоена, малку е веројатно дека резолуцијата ќе имаше значително влијание врз војната, која влегува во својата петта недела, бидејќи текстот беше значително ослабен за да се избегне ветото на Русија и Кина.
Ублажен текст без воена опција
Првичниот предлог на Бахреин предвидуваше земјите да можат да користат „сите потребни средства“, што во терминологијата на ОН вклучува воена акција, за да се обезбеди навигација низ Ормускиот теснец и да се спречат обидите за негово затворање.
Сепак, откако Русија, Кина и Франција, како постојани членки на Советот за безбедност со право на вето, изразија противење на употребата на сила, резолуцијата беше изменета и сите одредби поврзани со офанзивни дејствија беа отстранети од неа.
Конечниот текст предвидуваше само употреба на „сите потребни средства за одбрана“.
Резолуцијата што беше блокирана денес „силно ги охрабрува државите заинтересирани за користење на комерцијалните поморски патишта во Ормутскиот теснец да ги координираат напорите од одбранбен карактер, во согласност со околностите, со цел да придонесат за безбедноста на пловидбата низ Ормутскиот теснец“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата