logo
logo
logo

СОПСТВЕНИЧКАТА НА БАРОТ ВО КРАН МОНТАНА БЕГАЛА СО КАСАТА ДОДЕКА ЛУЃЕТО ГОРЕЛЕ?

Vecer | 08.01.2026

СОПСТВЕНИЧКАТА НА БАРОТ ВО КРАН МОНТАНА БЕГАЛА СО КАСАТА ДОДЕКА ЛУЃЕТО ГОРЕЛЕ?

Се појавија нови информации за трагичниот пожар во швајцарскиот Кран Монтана, каде што за новогодишната ноќ во клубот „Le Constellation“ животот го загубија 40 лица, главно млади. Имено, како што наведува весникот Repubblica, надзорните камери наводно ја снимиле сопственичката Џесика Морети како го напушта запалениот клуб носејќи ја касата со пари во рацете.

Дека сопственичката бегала со цврсто стегната каса додека гостите ги голтал пламенот, изјавиле и сведоци. Поради тоа, полицијата ги прегледува сите достапни снимки од клубот, вклучувајќи ги и оние од надзорните камери што го покривале главниот влез во барот.

Реконструкција

Според досегашните информации, Морети во моментот на избувнувањето на пожарот била во клубот со својот син од првиот брак, кој воедно бил и раководител на персоналот, а и самата се здобила со изгореници на раката. Нејзиниот сопруг и сосопственик на клубот, Жак, во тоа време се наоѓал во друг локал.

Снимките од уличните камери наводно прикажуваат драматично различно однесување на мајката и синот. Додека младиот човек одвнатре се обидувал да ги скрши плексигласните панели на терасата за да ги ослободи заробените гости, таа, како што се гледа на снимката, побегнала на улица – со касата во рацете.

Доколку се потврди автентичноста на снимката, овој детал би можел значително да ја влоши правната положба на сопственичката. Таа и сопругот Жак се товарат за убиство од небрежност, нанесување повреди и предизвикување пожар, а сопственичката на барот сега би можела да се соочи и со обвинение за непружање помош.

Обвинителката Беатрис Пилу исто така размислува за заострување на обвинението кон можен умисол за двајцата осомничени. Повеќе елементи укажуваат дека сопствениците биле свесни за огромниот ризик за гостите: од лесно запаливите материјали користени за таванот и затворените излези за итни случаи, до целосниот недостиг на противпожарен систем и апарати за гаснење пожар.

Истрагата се проширува и на постари снимки

Полицијата, во обид да утврди што точно се случувало во кобните минути меѓу избувнувањето на пожарот и огнената стихија што за новогодишната ноќ однесе 40 животи и остави 116 повредени во клубот Le Constellation во Кран Монтана, прегледува бројни снимки. Анализата би можела да доведе и до промена на обвинението против сопствениците, семејството Морети, од небрежност во намерно доведување во опасност, со оглед на тоа што, како што се сомнева, знаеле за ризиците, но не направиле ништо за да ги спречат, пишува Il Messaggero.

Истражителите посветиле посебно внимание и на постари снимки, како онаа од дочекот на Новата 2020 година. На неа се гледа како во клубот Le Constellation прскалките од шишињата се насочуваат кон звучно изолираниот спуштен таван, додека член на персоналот двапати предупредува: „Внимавајте на пената“. Тоа, според обвинителството, би можело да биде клучен доказ дека сопствениците биле свесни за опасноста, а обвиненијата би можеле да им донесат и до 20 години затвор. Друга снимка, направена ноќта на трагедијата, прикажува келнерка со црна кацига на главата која, седејќи на рамениците на млад човек, крева шише со прскалка кон таванот и на тој начин предизвикува пламен.

Никој од вработените не помогнал

На ниту една од досега прегледаните снимки не се гледа дека некој од вработените во клубот интервенирал – гаснел пожар со вода, палел светла, ја исклучувал музиката или ги насочувал гостите кон излезите. Не ги отвориле ниту задните врати за да ја олеснат евакуацијата. Поради настанатата паника, многу адолесценти починале или добиле тешки изгореници откако паднале и биле прегазени во стампедото, вдишувајќи врел чад. Стручњаците, со помош на снимките, сега се обидуваат да утврдат колку животи можеле да бидат спасени доколку реакцијата на персоналот била навремена.

Поради непружање помош, под истрага се и обезбедувачите на клубот, а истражителите ги прегледуваат и снимките од други ресторани во сопственост на семејството Морети: Il Senso di Crans и Le Vieux Chalet di Lens.

Мистерија во истрагата

Мистерија во целата истрага е фактот што телата на жртвите биле вратени на семејствата без извршена обдукција и без наведен причинител на смртта во документите. Прашањето зошто обвинителството не наложило судско-медицински вештачења ги мачи семејствата, вклучително и семејството на Емануеле Галепини, еден од шестемина италијански млади луѓе загинати во пожарот.

Адвокатот Себастијан Фанти, кој застапува едно од италијанските семејства, беше јасен: „Нешто не функционирало во примената на процедурата. Не е можно телата да бидат вратени во татковината без потврда која ги наведува причините за смртта.“ Барањата на адвокатите сега би можеле да доведат до отворање истрага во Рим и спроведување обдукции во Италија.

Семејството на Емануеле Галепини, кој бил идентификуван преку ДНК-анализа, не разбира зошто генетското тестирање воопшто било потребно. На неговото тело немало траги од изгореници, а во џебот имал мобилен телефон и документи во пластична футрола – сè недопрено. Нивното барање до швајцарските власти за обдукција останало без одговор. Порачале: „Телото нема да биде кремирано.“

Правна битка и дипломатски чекори

„Со оглед на бројот на италијански жртви, би било соодветно да се провери можноста за покренување кривична постапка и во Италија, како што тоа го направи Франција“, истакнува адвокатот Фанти. Сепак, италијанското правосудство не може да покрене постапка за дела од небрежност извршени во странство, освен ако сторителите не се наоѓаат на италијанска територија или ако не интервенира Министерството за правда, што засега не се случило.

Во наредните денови, италијанскиот амбасадор во Швајцарија, Џан Лоренцо Корнадо, ќе се сретне со властите на кантонот Вале во Сион за да добие повеќе информации за текот на истрагата. „Ќе бидам во Сион за да се сретнам со сите локални власти – од владините до полициските и судските – за да соберам информации за истрагите“, изјави амбасадорот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk