Глобалните цени на нафтата нагло пораснаа откако Израел изврши воздушни напади врз иранска територија, предизвикувајќи нова ескалација на тензиите на Блискиот Исток.
Цената на суровата нафта „брент“, глобалната референтна вредност, скокна за повеќе од 10% на највисоко ниво од јануари, пред да ги намали дел од добивките. На крајот од денот, растот беше 7,2%, а цената заврши на 74,23 долари за барел.
Страв од прекин на испораките
Трговците на пазарот на нафта стравуваат дека конфликтот меѓу Иран и Израел би можел да ги загрози испораките од еден од енергетските центри во светот. Скокот на цените на суровата нафта директно влијае не само на цената на горивата, туку и на цените на храната и другите производи.
И покрај наглиот пораст, цената на нафтата е сè уште за повеќе од 10% пониска од истиот период минатата година и далеку под нивото од 2022 година, кога руската инвазија на Украина ја крена цената над 100 долари за барел.
Пад на берзите, растечка побарувачка за безбедни валути и злато
Азиските и европските берзи го завршија денот во минус: јапонскиот Nikkei падна за 0,9%, додека лондонскиот FTSE 100 падна за 0,39%. Сличен тренд беше забележан и во Соединетите Американски Држави - индексот Дау Џонс изгуби 1,79%, а S&P 500 падна за 0,69%.
Во исто време, инвеститорите се свртеа кон таканаречените безбедни засолништа – златото и швајцарскиот франк. Цената на златото се зголеми за 1,2%, достигнувајќи го највисокото ниво за речиси два месеци – 3423,30 долари за унца.
Тензиите на пазарите дополнително се засилија откако израелските сили извршија напади врз иранските нуклеарни постројки и воените командни центри. Според израелската армија, Иран возвратил со лансирање на околу 100 дронови кон израелска територија.
Аналитичарите предупредуваат: Цената на нафтата може да достигне 100 долари
Аналитичарката Вандана Хари од компанијата „Ванда Инсајдс“ за Би-би-си изјави дека постои можност конфликтот брзо да стивне, како што се случи во април и октомври минатата година. Сепак, таа предупреди и на можноста за поширока војна што би можела сериозно да ги наруши испораките на нафта од Блискиот Исток.
– Ситуацијата е исклучително напната. Можеби брзо ќе заврши, но постои реална опасност да се претвори во поширока војна што би влијаела на извозот на нафта – рече Хари.
Експертите од „Капитал економикс“ веруваат дека, во случај на напад врз инфраструктурата за производство и извоз на нафта во Иран, цената на Брент би можела да скокне на 80 до 100 долари за барел. Во тој случај, другите производители би можеле да го зголемат производството, што би можело да го ублажи порастот на цените и нивното влијание врз глобалната инфлација.
Ризична точка: Ормутскиот Теснец
Род Денис од британскиот автомобилски клуб RAC изјави дека е прерано да се каже дали порастот на цените на нафтата ќе има непосредно влијание врз малопродажните цени на горивата.
– Клучното прашање е дали повисоките цени на големо ќе траат и колку маржи ќе додадат трговците Ц рече Денис.
Во најлош случај, Иран би можел да ја блокира испораката на милиони барели нафта дневно, особено ако нападите се насочени кон танкери или инфраструктура во Ормутскиот Теснец – еден од најважните морски патишта во светот, низ кој минува околу една петтина од целата глобална трговија со нафта.
Ормутскиот теснец го поврзува Персискиот Залив со Арапското Море и се граничи со Иран на север, додека Оман и Обединетите Арапски Емирати се наоѓаат на југ. Десетици цистерни за нафта и гас минуваат низ оваа стратешки важна точка секој ден.
– Пазарот моментално реагира на првиот бран ризици, но во наредните денови ќе видиме дали ситуацијата ќе се влоши дополнително – оцени Сол Кавоник од MST Financial.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата