Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва изјави дека американската војска е во состојба на готовност откако Иран лансираше ракети кон Израел и го повика Иран да ги запре нападите и да се врати на преговарачката маса.
„Она што би му го предложил на Иран е - ги испукавте вашите ракети, доста е“, изјави Трамп за Фокс њуз.
Тој додаде дека САД остануваат блиску до мировен договор со Иран, и покрај лансирањето ракети од страна на таа земја во Израел вечерва.
Трамп го повика Иран да се врати на преговарачката маса и да постигне договор, велејќи дека американската војска во регионот на Блискиот Исток е во состојба на готовност.
ИРГК: Нападите врз Израел се „предупредување“, целта беше воздухопловна база
Иранскиот корпус на Револуционерната гарда (ИРГК) соопшти дека нејзините напади врз Израел се „предупредување“ за поширок одговор што ќе ги таргетира сите американски и израелски цели во регионот доколку се повторат „агресиите“ на Израел во Либан.
ИРГК изјави дека целта на балистичките ракети на Иран вечерва била израелската воздухопловна база „Рамат Давид“, пренесува Ројтерс.
Во соопштението, исто така, се наведува дека прифаќањето на примирјето со Соединетите Американски Држави било условено со прекин на огнот на сите фронтови, но дека Соединетите Американски Држави и Израел не ги исполниле своите обврски.
ИДФ: „Пресретнати ракети“
Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека досега вечерва пресретнале сите ирански балистички ракети.
Се нагласува дека израелската воздушна одбрана моментално е активирана за да собори нов бран ракети лансирани од Иран, поради што се активирани сирени за воздушен напад на северот од Израел, објави „Тајмс оф Израел“.
Министерството за транспорт на Израел соопшти дека израелскиот воздушен простор останува отворен додека Иран лансира напади со балистички ракети на северот од земјата.
Израелската министерка за транспорт Мири Регев моментално ја проценува ситуацијата со експерти од министерството, по што ќе се донесе одлука за ова прашање.
Се појави наводно видео од ударот
И покрај тврдењата на израелската армија, на социјалните мрежи се појави видео кое тврди дека го прикажува моментот кога балистичка ракета ја погодува целта.
„Визуелна потврда за нападите во северен Израел“, се вели во објавата.
Ова е прв напад на Иран врз Израел откако стапи на сила прекинот на огнот од 8 април.
Порано денес, Иран го предупреди Израел дека ќе го нападне како одмазда за израелскиот напад врз Бејрут, во кој беа цел две згради.
Во тој напад, според иранските медиуми, две лица беа убиени, а 20 беа ранети.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата