Претседателката на германскиот Бундестаг, Јулија Клекнер (CDU), повторно ја разгоре дебатата за тоа како земјата треба да се однесува кон проституцијата во иднина, нарекувајќи ја Германија „бордел на Европа“.
Во говорот минатата недела, таа го критикуваше сегашното законодавство, тврдејќи дека проститутките не се доволно заштитени, пишува Дојче Веле.
„Цврсто сум убедена дека конечно мора да ја забраниме проституцијата и купувањето секс во нашата земја“, рече Клекнер.
Нејзината партиска колешка и министерка за здравство Нина Варкен веднаш се согласи со тоа.
„Германија, како и другите земји, има потреба од кривичен закон што забранува купување секс“, изјави таа за весникот „Рајнише Пост“.
„Проститутките треба да останат неказнети и да добијат сеопфатна помош за да се извлечат од проституцијата“.
Легална проституција
Според сегашните закони, проституцијата е дозволена во Германија. Со Законот за проституција, кој стапи на сила во 2002 година, сексуалната работа повеќе не се смета за „неморален чин“, туку за правна услуга. Така, лицата што се занимаваат со проституција го стекнаа законското право на договорениот надомест.
Во 2017 година беше донесен Законот за заштита на проститутките, со цел дополнително да се подобри правната и социјалната положба на лицата во секс-индустријата.
Оние што се занимаваат со проституција мора да ја пријават својата активност кај надлежните органи, а борделите мора да имаат лиценца за работа. Оваа дозвола се издава само ако се исполнети одредени минимални услови поврзани со безбедноста, хигиената и опремата.

Криминалот е во пораст
Криминалот не се намали со легализацијата на проституцијата - напротив. Според годишните извештаи на Федералното криминално биро за трговија со луѓе, трговијата со луѓе и присилната проституција се особено во пораст.
Според податоците од Федералниот завод за статистика, во Германија се регистрирани 32.300 сексуални работнички, од кои само 5.600 се германски државјани (на крајот на 2024 година).
Секоја трета проститутка доаѓа од Романија (11.500), а 3.400 од нив доаѓаат од Бугарија.
Експертите, сепак, проценуваат дека има голем број нерегистрирани проститутки - помеѓу 200.000 и 400.000, додека некои извори зборуваат за дури еден милион жени.
Мнозинството се странски државјанки со ограничено познавање на германскиот јазик. Бидејќи не ги знаат своите права, тие речиси и да немаат пристап до постојните програми за здравствена и социјална помош. Огромното мнозинство од нив влегуваат во проституција против своја волја - или поради сиромаштија или под принуда на макроа.
Критичарите на сегашното законодавство тврдат дека легализацијата довела до експлозија на секс пазарот: конкуренцијата е многу поголема, а цените се многу пониски. Ова, велат тие, привлече клиенти кои не се плашат од сексуалното насилство.

Решението во „нордискиот модел“?
Во овој контекст, Јулија Клекнер и Нина Варкен повикаа на воведување на таканаречениот „нордиски модел“. За ова се дебатира во Германија со години.
Моделот се нарекува „нордиски“ бидејќи првпат беше воведен во Шведска во 1999 година, а потоа и во Норвешка во 2009 година. Подоцна го усвоија Исланд, Канада, Франција, Ирска и Израел.
Овој модел забранува купување сексуални услуги и нивно организирано посредување, но не и самиот чин на продажба. Ова ги криминализира клиентите и макроата, додека проститутките остануваат неказнети. Во исто време, државата обезбедува сеопфатна поддршка и програми за излегување од проституција.
Клиентите се соочуваат со парични казни, а во Шведска дури и со затворска казна до една година. Норвешка, од друга страна, ги казнува и своите граѓани кои купуваат сексуални услуги во странство.
Аргументи за и против
Критичарите на моделот веруваат дека (доброволната) проституција е „нормална“ работа и дека на проститутките треба да им биде дозволено самостојно да ја работат својата работа.
Тие веруваат дека присилната проституција може да се потисне со зајакнување на правата на лицата во секс индустријата.
Тие сакаат да ја дестигматизираат сексуалната работа и се плашат дека криминализацијата на купувањето секс би ја турнала проституцијата подлабоко во нелегалната, на пример во дигиталниот простор.
Сепак, поддржувачите на моделот тврдат дека поголемиот дел од проституцијата веќе се одвива тајно, во еден вид паралелно општество.
Проститутките, велат тие, не треба да бидат казнувани затоа што се принудени на сексуална работа. Напротив, декриминализацијата би им овозможила полесно да се обратат до полицијата или судството затоа што би имале законско право на заштита и помош.
Криминализацијата на клиентите, веруваат тие, води до намалување на вкупниот број проститутки и клиенти.
Во земјите што го воведоа нордискиот модел, бројот на проститутки и купувачи навистина значително се намали.
Неодамна објавена студија од Универзитетот во Тибинген заклучува дека воведувањето на моделот „на долг рок придонесува за мерливо намалување на бројот на жртви на трговија со луѓе“.
Само законот не е доволен
Сепак, застапниците на ова решение, кои се организирани и во таканаречената Федерална алијанса за нордискиот модел, предупредуваат дека самото усвојување на таков закон не е доволно за подобрување на положбата на принудните проститутки. Потребно е да се обезбедат средства за сеопфатна помош за излегување од проституцијата и значително да се зајакнат правата на жртвите.
Треба да се обезбедат средства за сеопфатна социјална поддршка - за да можат погодените лица да финансираат домување, психолошка помош и образование, наведува сојузот.
Средствата за превенција и едукација, како и доследното гонење на подведувањето и трговијата со луѓе, се исто така важни, со цел да се намали пазарот на проституција како целина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата