Во просторијата за состаноци во Доха, околу 12.000 километри од Каракас, со месеци се воделе тајни разговори за иднината на Венецуела, без нејзиниот долгорочен диктатор Николас Мадуро.
Според пишувањето на американскиот весник Miami Herald, во тие преговори учествувале високи претставници на катарската и американската администрација, а клучна улога имал и член на кралското семејство на Обединетите Арапски Емирати, кој делувал како посредник помеѓу Вашингтон и Каракас. Целта од почетокот на преговорите била јасна: да се најде начин за отстранување на Мадуро, но без целосен распад на државата.
Интересно е дека Мадуро воопшто не учествувал во овие разговори. Наместо него, преговорите ги воделе неговата потпретседателка Делси Родригез и нејзиниот брат Хорхе Родригез, еден од највлијателните луѓе во режимот.
Родригез се обратила кон Вашингтон за да се претстави како „прифатлива“ алтернатива на режимот на Мадуро. Сега таа владее со Венецуела со одобрување на Трамп.
Операција однатре
Деталите од состанокот ги засилија сомнежите дека отстранувањето на Мадуро било дело однатре – план кој би ја оставил претседателката на власт, способна да ја води транзицијата без целосно рушење на државата и создавање немири.
Извештаи од октомври велат дека Родригез нудела „мадуризам без Мадуро“, своевиден „лесен режим“.
В саботата Доналд Трамп изјави дека САД сега ќе „водат“ Венецуела преку транзициска влада предводена од Родригез, додека се подготвуваат американските нафтени компании да влезат и да започнат експлоатација на нафта, пишува Telegraph.
„Всушност, таа е подготвена да го стори она што го сметаме за потребно за да ја направиме Венецуела повторно голема“, рече Трамп за Родригез, која се соочила со санкции на САД за време на првата администрација на Трамп поради улогата во подривување на венецуелската демократија.
Франциско Сантос Калдерон, поранешен потпретседател на Колумбија, во неделата сугерирал дека целата операција за отстранување на Мадуро била дело однатре со помош на Родригез.
Сантос рекол дека е „апсолутно сигурен“ дека Родригез го издала Мадуро дозволувајќи САД да го зароби без голема борба.
„Не го отстранија, туку го предадоа. Апсолутно сум сигурен дека Делси Родригез го предаде“, рече Сантос, поранешен колумбиски амбасадор во САД.
Која е Делси Родригез?
Делси Родригез има 56 години, е правничка и со децении е дел од чавистичкиот систем. Влезе во политика кратко по победата на Уго Чавез во 1999 година, а низ годините зазела низа важни функции – била министерка за надворешни работи, ја водела уставотворната скупштина, а како потпретседателка ги презела ресорите за нафта и финансии.
Аналитичарите наведуваат дека токму таа била лицето на ограниченото отворање на економијата, што ѝ помогнало на Венецуела да започне да се извлекува од тешката криза по 2021 година. За време на тој период, економијата се урнала за околу 75%, а речиси осум милиони луѓе ја напуштиле земјата.
Нејзиниот брат, Хорхе Родригез, исто така е клучна фигура во режимот и моментално претседава со венецуелскиот парламент.
Баланс помеѓу САД и домашната политика
Пред Родригез сега стои сериозна задача. Таа мора да го задржи единството во рамките на режимот, избегнувајќи впечаток дека делува како продолжена рака на САД. Аналитичарите предупредуваат дека во владејачките кругови постојат ривали кои секоја нејзина грешка или слабост би можеле да ја искористат против неа.
Конфузијата ја зголемија и контрадикторните пораки кои пристигнаа во последните денови. Доналд Трамп тврдел дека Родригез му понудила соработка „во се што е потребно“, додека таа кратко потоа на државната телевизија зазеде значително построг тон и побара веднаш ослободување на Николас Мадуро и неговата сопруга.
Во целата приказна целосно е маргинализирана Марија Корина Мачадо, лидерка на опозицијата и добитничка на Нобеловата награда за мир. Трамп јасно рекол дека таа нема доволна поддршка во земјата, пред сè затоа што нема зад себе венецуелиска војска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата