„Њујорк тајмс“ објави дека администрацијата на Трамп го информирала Харвард за својата одлука по преписката во врска со „легалноста на барањето за евиденција“.
За потсетување, Министерството за внатрешна безбедност на САД минатиот месец објави дека Универзитетот Харвард ќе ја изгуби можноста да запишува странски студенти доколку не ги исполни барањата на администрацијата на Трамп за споделување информации за некои носители на визи.
Министерката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем, напиша писмо до Харвард во кое бара евиденција за она што таа го нарече „нелегални и насилни активности“ од страна на носителите на студентски визи на Харвард до 30 април.
Ноем објави копија од писмото на социјалната мрежа X.
„Оваа администрација го смета Харвард за одговорен за поттикнување насилство, антисемитизам и координација со Кинеската комунистичка партија на својот кампус. За универзитетите е привилегија, а не право, да запишуваат странски студенти и да ја користат нивната повисока школарина за да помогнат во дополнувањето на нивните мултимилијардерски фондови. Харвард имаше многу можности да го стори правилното. Одби“, рече Ноем, според Кликс.
Таа додаде дека Харвард го изгубил сертификатот за програмата за размена на студенти поради непочитување на законот.
„Нека ова послужи како предупредување за сите универзитети и академски институции низ целата земја“, заклучи таа.
Харвард е првиот голем американски универзитет кој се спротивставува на притисокот од администрацијата на Трамп да ја промени својата политика.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата