За прв пат во анкетите на јавното мислење, десничарската Алтернатива за Германија (AfD) води со цели пет процентни поени пред владејачката Христијанско-демократска унија CDU/CSU, објавија германските медиуми во недела.
Во анкетата на јавното мислење спроведена од Институтот Инса за неделното издание на дневниот весник Билд, на прашањето за кого би гласале доколку парламентарните избори се одржат оваа недела, 28 проценти од анкетираните ја избрале AfD.
Актуелно владејачката Христијанско-демократска унија CDU/CSU би гласала за 23 проценти, што е најниско од минатогодишните избори.

Помалиот партнер во владата, Социјалдемократската партија на Германија (SPD), би добил 13 проценти, еден од историски најниските резултати за оваа партија на федерално ниво.
Партијата на Зелените исто така би била избрана од 13 проценти од анкетираните, а партијата на Левицата од 11 проценти.
Според овие вредности, коалициската влада на Фридрих Мерц нема да има парламентарно мнозинство.
И ова истражување покажува дека AfD се етаблирала на врвот на спектарот на популарност на федерално ниво од март, кога за прв пат ги престигна демохристијаните.
Анкетата, исто така, покажува тренд на стабилизирање на популарноста на AfD и на федерално ниво. Досега, AfD постигна најдобри резултати на истокот од земјата, но на овогодишните избори за покраинските парламенти во западните федерални држави Баден-Виртемберг и Рајнска област-Пфалц, постигна рекордни резултати.
Во септември се одржуваат избори и во источните федерални држави Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија и градот-држава Берлин.
Во Саксонија-Анхалт, според сегашните проценки, AfD би можела да постигне апсолутно мнозинство и за прв пат да ја преземе власта во федерална држава.
Една година по преземањето на власта, владата на Фридрих Мерц забележа рекордно ниво на незадоволство на граѓаните, а Мерц е меѓу најнепопуларните канцелари во повоена Германија.

Најпопуларната партија во моментов во Германија, AfD, е против сегашната мигрантска политика на масовно доселување странци, особено од азиско-африканскиот регион поради некомпатибилноста на образованите и културолошки стандарди со Германија, против милитаризација и најави за војна со Русија, против левичарската политика за уривање на традиционалниот семеен и енрегетски систем, и барање поголеми права за регионите во однос на централната власт.
AfD остварува зголемување на популарноста и во време кога е под силен пристисок и контрола на власта која ги прогласи за екстремисти и обезбеди следење и прислушкување на нивните активности со надзор од тајните служби.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата