Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, кој денеска во Женева ќе учествува на првите директни разговори со западните држави по започнувањето на израелската воена акција, јавно ги отфрли тврдењата на американскиот претседател за наводни ирански иницијативи за дијалог со Соединетите Американски Држави. Тој нагласи дека било какви дипломатски преговори ќе бидат можно само доколку се прекине израелската офанзива.
„Ние не бараме преговори. Американците се тие што сакаат разговори. Тие испратиле неколку сериозни пораки со такви барања, но сме им одговориле јасно – додека оваа агресија трае, нема место за разговори или дипломатија. Ја браниме својата земја легитимно и нема да прекинеме под никакви услови. Не гледаме простор за разговори со САД, кои се соучесници во овие дела.“
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходниот ден објави дека во следните две недели ќе донесе одлука за можна вмешаност на САД во судирот со Иран, најавувајќи дека таа одлука ќе зависи од тоа дали ќе има потенцијални преговори со иранските власти во наредниот период.
Главниот град на Иран, Техеран, денеска е необично тивок, по ноќ исполнета со размена на напади меѓу Израел и Иран.
Голем број жители го напуштиле градот од безбедносни причини, додека останатите претпочитаат да се задржат во своите домови на подолг период.
Израелските одбранбени сили информираа дека над 60 борбени авиони реализирале неколку десетини воздушни напади врз цели во Иран, при што биле истрелани над 120 проектили.
„Воздушните сили нападнаа стратешки локации поврзани со нуклеарната програма на Иран, како и фабрики за воена наменска индустрија и складишта за суровини кои се користат во продукцијата на проектили. Овие цели се сметаат за основни точки на воената моќ на иранското министерство за одбрана.“
Од почетокот на израелските напади на 13 јуни, бројот на жртви во Иран надмина 650 лица, од кои повеќе од 260 се цивили, а над 2000 луѓе се повредени.
Како одговор, Иран прошири противнапади, лансирајќи околу 450 ракети и 1000 дронови кон Израел. Поголемиот дел од нив биле пресретнати од израелскиот противракетен систем, познат како 'Железна купола', но сепак не сите биле уништени.
Во Израел, загинале 24 жители, а стотици се повредени. Особено тешка била состојбата во градот Бершева, кој во последното деноноќие беше мета на ракетни напади – прво на болница каде беа ранети 70 лица, а денеска со проектили беа погодени станбени објекти и повредени уште седум луѓе.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата