Европските десничарски политичари веднаш се придружија на новиот бран критики од Вашингтон кон Брисел, откако високи американски функционери ја осудија Европската Унија за наводна цензура и напади врз технолошките компании.
Причината е казната од 120 милиони евра што Европската комисија ја изрече на социјалната мрежа X за кршење на транспарентноста според Законот за дигитални услуги, што беше остро осудена од потпретседателот на САД Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио, пишува Политико.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан беше меѓу првите што реагираа.
„Нападот на Комисијата врз X кажува сè. Кога бриселските господари не можат да ја добијат дебатата, тие прибегнуваат кон казни. На Европа ѝ е потребна слобода на говорот, а не неизбрани бирократи кои одлучуваат што можеме да читаме или да кажеме. Капа долу за Елон Маск за држењето линија“, рече Орбан.
Самиот Маск објави дека неговиот одговор на казната ќе биде насочен кон функционерите на ЕУ кои ја изрекоа.
Сличен став изрази и лидерот на десничарската Алтернатива за Германија, Алис Вajдел.
„Европската комисија ја цени цензурата и контролата врз разговорите на своите граѓани. Тие сакаат да ги замолчат критичките гласови со ограничување на слободата на говорот“, рече таа.
Сојузниците на Доналд Трамп во Европа
Три клучни десничарски групи во Европскиот парламент - Европските конзервативци и реформисти (ECR), Патриотите за Европа и Европа на суверените нации - се залагаат за запирање или враќање на европската интеграција. Заедно тие држат 191 од 720 места и го промовираат приматот на националните интереси над заедничката соработка.
Од реизборот на Доналд Трамп, овие партии се претставија како клучна трансатлантска врска, имитирајќи ја политичката кампања на американскиот претседател во Европа, вклучително и движењето „Да ја направиме Европа повторно голема“.
Промена на ставот по критиките од САД
Новите американски критики кон европските институции станаа моќно оружје за зајакнување на нивните политички програми.
„Патриотите за Европа ќе се борат за демонтирање на овој режим на цензура“, соопшти партијата преку платформата X.
Интересно е што групата ECR, политичкиот дом на италијанската премиерка Џорџо Мелони, исто така, го доведе во прашање спроведувањето на Законот за дигитални услуги (DSA).
„Дигиталниот закон на кој му недостасува правна сигурност ризикува да стане инструмент на политичка дискреција“, изјави потпретседателот на ECR, Никола Прокачини, во саботата.
Оваа позиција претставува пресврт, бидејќи истата група го поддржа DSA за време на неговото усвојување во Парламентот, тврдејќи во тоа време дека законот ќе „ја заштити слободата на изразување, ќе ја зголеми довербата во онлајн услугите и ќе придонесе за отворена дигитална економија во Европа“.
Новата стратегија на Трамп, исто така, ѝ даде поттик на европската десница
Да се потсетиме дека пред неколку дена беше објавена новата американска стратегија за национална безбедност, која ја опишува Европа како континент во длабока политичка и демографска криза, обвинувајќи ги европските влади за поткопување на демократијата, игнорирање на волјата на граѓаните и блокирање на американските напори за завршување на војната во Украина.
Во документот се тврди дека масовната миграција и ниските стапки на наталитет водат кон „цивилизациска пропаст“ на Европа и дека европските лидери го игнорираат „огромното европско мнозинство кое сака мир“.
Во стратегијата, исто така, се наведува дека „е неопходен брз крај на војната во Украина“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата