Врховниот суд на Соединетите Американски Држави одлучи денеска дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп може да задржи неколку илјади пробни федерални работници на платниот список додека пониските судови ја разгледуваат законитоста на намалувањата.
Таа одлука ја блокира одлуката на понискиот суд со која се бараше повеќе од 16.000 работници да се вратат на работа, пренесува Си-Ен-Ен.
Иако одлуката не ги разгледа суштинските правни аспекти на случајот, таа во меѓувреме ќе има значително влијание врз работниците и агенциите, велат од споменатата медиумска куќа.
Двете либерални судии, Соња Сотомајор и Кетања Браун Џексон, јавно се спротивставија на одлуката, тврдејќи дека нема потреба од итна реакција на Врховниот суд.
Џексон нагласи дека нема причина за толку брза интервенција.
И додека Врховниот суд ја донесе својата одлука, друг судија во Мериленд издаде привремена забрана за враќање на работниците кои не се опфатени со случајот пред највисокиот суд, што дополнително ја комплицира ситуацијата, се вели во истиот натпис.
Аналитичарот на Си-Ен-Ен, Стив Владек, смета дека одлуката на Врховниот суд била ограничена и се однесувала само на прашањето кој има право да тужи, а не на суштинските аспекти на смените.
Тој посочи дека и други судови веќе донеле пресуди против администрацијата за слични случаи, кои остануваат во сила.
Одлуката на Врховниот суд претставува победа за администрацијата на Трамп, која се обиде да ја поништи наредбата на понискиот суд за враќање на работниците, велат аналитичарите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата