logo
logo
logo

Го критикуваше предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц

На патот кон ЕУ нема заобиколување на критериумите, СКРАТЕН ПАТ ИЛИ ЧЛЕНСТВО ОД ВТОР РЕД

Vecer | 21.05.2026

На патот кон ЕУ нема заобиколување на критериумите, СКРАТЕН ПАТ ИЛИ ЧЛЕНСТВО ОД ВТОР РЕД

Европратеникот и известувач за Албанија, Андреас Шидер денеска го критикуваше предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за придружното членство на Украина во Европска Унија.

Шидер, кој е и шеф на делегацијата на Социјалдемократската партија на Австрија во ЕП, нагласи дека го разбира незадоволството на луѓето од Западен Балкан од предлогот на Мерц за Украина.

- Земјите од Западен Балкан, како Албанија и Црна Гора со години вложуваат максимални напори за да ги исполнат критериумите потребни за членство во ЕУ. Другите држави, како Босна и Херцеговина и Србија веќе долго време чекаат во еден вид чекалница на ЕУ. Не смееме сега да направиме грешка и да испратиме погрешен сигнал до граѓаните на Западен Балкан со тоа што ќе дозволиме Украина да биде турната пред нив – посочи Шидер.

Тој додаде дека во патот кон ЕУ нема заобиколување на критериумите од Копенхаген.

- Не смее да има брзи процедури или скратен пат. Во исто време, членството од втор ред никому не му помага. Членството во ЕУ е ветување за просперитет, мир и партнерство на еднаква основа. Не смееме да се однесуваме кон земјите-кандидати како кон некој што нема да добие целосен пристап до ЕУ и привилегиите што ги носи членството во таа заедница – истакна Шидер.

Тој додаде дека „солидарноста и поддршката за Украина не смеат да бидат доведени во прашање дури ни по повеќе од четири години од почетокот на војната, туку мора внимателно да бидат избрани инструментите за поддршка и не смеат да создаваат лажни надежи кај Украинците“.

- Проширувањето на ЕУ е најмоќниот инструмент за надворешна политика што ни е на располагање. Мора да се погрижиме овој процес да не ја изгуби својата важност – потенцира Шидер.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk