Израелските воени власти испратија итно предупредување за евакуација на населението околу областа на нуклеарниот реактор во Арак. Ова известување беше објавено преку социјалните мрежи, проследено со сателитски снимки и ознака на локацијата – практика која честопати ѝ претходи на воени дејствија.
Реакторот во Арак се наоѓа околу 250 километри југозападно од иранската престолнина Техеран. Таму се користи „тешка вода“ за ладење на нуклеарните процеси, што како последица создава плутониум – материјал кој може да се искористи за изработка на нуклеарно оружје.
Доколку Иран се реши на таков потег, плутониумот би претставувал алтернативен пат кон создавање нуклеарна бомба, освен веќе постоечкиот процес на збогатување ураниум. Во 2015 година, Иран постигна договор со повеќе светски сили преку кој се обврза да го реконструира овој објект, со цел да се намалат стравувањата за можно ширење на нуклеарно оружје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата