Канадската покраина Алберта на 19 октомври ќе одржи референдум на кој граѓаните ќе одлучуваат дали покраината треба да остане во Канада или владата треба да покрене уставна процедура за организирање обврзувачко гласање за независност. Премиерката Даниел Смит појасни дека ова е необврзувачко изјаснување за добивање политички мандат и веднаш најави дека лично таа, нејзината влада и пратеничката група ќе гласаат за останување во државата.
Одлуката за закажување на референдумот доаѓа како директен пркос кон суската власт, откако судијката Шејна Леонард ја запре претходната сепаратистичка петиција бидејќи покраината не се консултирала со староседелските заедници (Првите нации). Премиерката Смит оваа одлука ја оцени како сериозна правна грешка и порача дека судовите нема да го утишаат гласот на стотици илјади граѓани кои сакаат да бидат слушнати во едно демократско општество.
Во позадина на овој сепаратистички бран стои долгогодишниот револт на Алберта, како економски најважна нафтена покраина во Канада, кон сојузната влада во Отава. Локалното население со години смета дека федералните климатски политики, еколошките регулативи и ограничувањата на енергетските проекти го гушат нивниот развој и извоз, додека истовремено покраината масовно го полни сојузниот буџет.
И покрај силните емоции, релевантните анкети и светските агенции како Ројтерс и АП посочуваат дека реалната поддршка за независност е ниска и изнесува под 30%. Дека мнозинството сепак е за заедништво покажува и фактот што контра-петицијата за останување во Канада собра рекорди 404.000 потписи, наспроти 300.000 потписи на сепаратистите.
Со овој потег премиерката Смит прави деликатен политички маневар за да го задоволи радикалното десно крило во нејзината партија, префрлајќи ја одговорноста на гласачите. Сепак, дури и граѓаните да изгласаат независност во иднина, канадскиот „Закон за јасност“ (Clarity Act) донесен по референдумот во Квебек, како и заштитените права на староседелците, го прават правниот пат до отцепување исклучително тежок, долг и незивесен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата