Кери Џонсон, сопругата на поранешниот британски премиер Борис Џонсон, изјави дека таксистот и сериски силувач Џон Ворбојс би можел да има „до илјада, ако не и повеќе“ жртви. Џонсон, која и самата била една од неговите цели и помогнала тој да биде изведен пред лицето на правдата, го коментираше случајот откако на Ворбојс минатата недела му беше одбиено барањето за условно ослободување, што за преживеаните, како што вели таа, било „огромно олеснување“, пишува „Гардијан“.
Одборот за условно ослободување минатата недела заклучи дека Ворбојс, кој издржува доживотна казна затвор, „и понатаму претставува висок ризик од извршување на понатамошни тешки сексуални престапи врз жени“. Кери Џонсон, една од неколкуте жени кои јавно истапија за да осигурат Ворбојс да остане зад решетки, рече дека веста за одбивањето на неговото барање донела огромно олеснување кај многу жртви.
Гостувајќи во емисијата „Good Morning Britain“, Џонсон направи проценка за можниот број на жртви. „Фактот е дека неговите злосторства, колку што знаеме, се протегале од 2000 година, па сè до неговото апсење во 2009 година. Целото тоа време тој работел како таксист, потенцијално секоја вечер, па бројот на жртви би можел да достигне илјада, ако не и повеќе“, изјави таа.
„Верувам дека има жени кои не ни сфатиле што се случило“
Таа додаде дека, по емитувањето на телевизиската драма за неговите злосторства, ѝ се јавиле нови жени кои веруваат дека биле во неговото такси, што, според нејзините зборови, „навистина би можело да помогне тој засекогаш да остане зад решетки“.
„Верувам дека има жени кои, исто како мене, биле дрогирани, а можеби не ни сфатиле што се случило. Можеби само помислиле: 'Боже, последниот пијалак не ми го погоди стомакот.' Или пак сега виделе што се случува и си мислат: 'Па добро, готово е.' Би ги повикала да се јават доколку можат“, рече Џонсон.
Кери Џонсон имала 19 години кога во 2007 година, по вечерно излегување во Челси, наишла на Ворбојс додека чекала ноќен автобус. Тој ѝ понудил превоз до куќата на нејзината мајка во југозападен Лондон за 5 фунти. Во таксито ѝ понудил чаша шампањ за да го прослават неговото наводно добивање во казино.
„Никогаш не стигнав до мојот кревет, се срушив“
„За среќа, и неизмерно сум благодарна за тоа, не го испив“, напиша таа подоцна за „Дејли Меил“. „Продолживме да разговараме и малку по малку го истурав шампањот на подот од таксито, внимавајќи тој да не забележи“, додаде таа.
Се присети како тој го запрел таксито во близина на мрачен и пуст парк (Putney Common) и излегол надвор, при што таа верува дека чекал дрогата во пијалакот да почне да делува. Се вратил со шише вотка, седнал на задното седиште и, и покрај нејзините протести, инсистирал да испијат „една брза чашка“.
Ја однел дома дури откако таа му рекла дека мајка ѝ ја чека. Клучно било тоа што тој ѝ го дал својот телефонски број во случај повторно да ѝ затреба превоз. Откако стигнала дома, како што напиша, „никогаш не стигнав до мојот кревет“. „Наместо тоа, се срушив во бањата и останав да лежам во празната када, целосно облечена“, наведе таа.
За две години следува нова одлука за условно ослободување
Кога во медиумите се појавија обвинувањата против Ворбојс, таа се јавила во полиција. Успеала да го идентификува при препознавањето и им го предала неговиот телефонски број. Медиумското внимание што следуваше поттикна и други жртви да се јават.
Ворбојс првпат беше осуден во 2009 година за 19 сексуални престапи врз 12 жени во периодот од октомври 2006 до февруари 2008 година. Доби казна затвор на неопределено време заради заштита на јавноста, со минимален рок од осум години.
Во 2019 година тој повторно беше осуден, овој пат на доживотен затвор со минимален рок од шест години, откако се јавија нови жртви за злосторства кои тој ги призна, а кои се случиле меѓу 2000 и 2008 година. За неговото условно ослободување повторно ќе се одлучува за околу две години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата