Руската надворешна разузнавачка служба (СВР) тврди дека Европската Унија започнала тајни подготовки за развој на сопствено нуклеарно оружје, пренесува „РИА Новости“. Според СВР, јавното потпирање на американскиот „нуклеарен чадор“ е само параван со кој Брисел купува време за изградба на независна индустриска база и подготовка на јавноста за оваа радикална политичка одлука.
Планот наводно предвидува формирање на паневропска нуклеарна доктрина заснована на капацитетите на Франција и Велика Британија, но со финансиска поддршка од целата Унија и автономен команден систем. Руското разузнавање додава дека лидерите на ЕУ, предводени од Урсула фон дер Лајен, инсистираат на максимална тајност на овој проект.
Како земји со висок технолошки потенцијал за производство на нуклеарни компоненти се посочени Германија, Италија, Чешка и уште четири други држави. СВР предупредува дека само во германските лаборатории во Карлсруе и Дрезден, експертите би можеле да издвојат доволно плутониум за една бомба за само еден месец, додека ураниумот би бил готов за една недела. Руската служба апелира до САД и светската јавност да реагираат за да се спречи нова глобална трка во нуклеарно вооружување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата