Големи количини американски контрацептивни средства во вредност од речиси 10 милиони долари, кои со месеци се наоѓаат во магацин во белгискиот град Гел, наскоро ќе бидат запалени во Франција.
Оваа одлука предизвика остри критики од хуманитарните организации и ОН, кои понудија да ги преземат и дистрибуираат овие средства на земјите во развој, но американските власти ги отфрлија.
Контрацептивите имале за цел да спречат несакана бременост во посиромашните земји.
Но, откако претседателот Доналд Трамп ја суспендираше американската странска помош и ја откажа програмата за планирање семејство на УСАИД во јануари, залихите останаа неискористени. И покрај обидите на Агенцијата на ОН за население (УНФПА) и невладината организација MSI Reproductive Choices да ги откупат или преземат, Вашингтон не се согласи на договор.
„Ова очигледно не е прашање на пари. Се чувствува како идеолошки напад врз репродуктивните права“, рече Сара Шо од MSI, истакнувајќи дека нејзината организација е подготвена да ги покрие трошоците за препакување, испорака и царина, но дека американската влада инсистирала на продажба по полна пазарна цена.
Внатрешната документација на УСАИД, во која имаше увид Ројтерс, покажува дека залихите биле наменети за итна прераспределба за да се избегнат непотребни трошоци, но тоа не се случило.
Дури и белгиските власти, свесни за штетата и моралната тежина од уништувањето на потенцијално животоспасувачките средства, се обидоа да најдат решение со Вашингтон.
„И покрај сите напори, не е пронајдена одржлива алтернатива“, соопшти Министерството за надворешни работи на Белгија, со пораката:
„Сексуалното и репродуктивното здравје не смеат да бидат заложници на идеолошки ограничувања“.
Производите истекуваат помеѓу 2027 и 2031 година, но САД ќе потрошат дополнителни 160.000 долари за да ги уништат во француски инсинератор за медицински отпад. Транспортната операција, според извори на Ројтерс, ќе трае најмалку две недели и ќе вклучува десетици камиони.
Според тврдењата на упатените, примената на таканаречената политика на Мексико, која им забранува на САД да финансираат организации кои имаат врски со обезбедување услуги за абортус. Иако самите контрацептивни средства немаат никаква врска со абортусот, американските власти наводно не сакале да ризикуваат УНФПА или слични организации да ги пренесат на партнерите за абортус.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата