За време на Портокаловата револуција во Украина, руската либерална опозиција се надеваше дека успехот на украинските протести може да послужи како модел за промени во Руската Федерација.
Револуцијата беше предизвикана од обвинувања за изборна измама во корист на проруското кандидатство на Виктор Јанукович. Крајот е познат – по изборите и масовните протести, на крајот победи опозицискиот кандидат Виктор Јушченко.
Во тоа време, тој за проевропскиот дел од Украина беше симбол на движење кон демократија и европски интеграции. Воедно, тоа беше и „светло на надеж“ за руските либерали, кои сметаа дека е можно соборување на авторитарниот режим преку заедничко дејствување, особено ако се земат предвид културните и етнолингвистичките врски меѓу двете земји.
„Втора Русија“
Руските либерали, како Гари Каспаров, тогаш ја гледаа Украина како „втора“ или „поинаква“ Русија – земја што го дели менталитетот, јазикот и културата со Русија, но ги прифаќа европските демократски вредности. Самиот Каспаров во едно интервју во 2007 година истакна дека Портокаловата револуција покажала пат за обединување на различни опозициски групи против авторитарниот режим со цел да се стигне до слободни избори.
Успехот на револуцијата во Украина требаше да им покаже на Русите дека промената е можна. Во контекст на војната во Украина, но и на настаните од 2013 и 2014 година, јасно е дека Кремљ ги гледал трите клучни настани – Портокаловата револуција, Мајданот и изборот на Зеленски за претседател – како директна закана за својата моќ, стравувајќи од „заразата“ на демократијата.
Во секој од тие настани Русија, односно Кремљ, реагираше во согласност со својата сила. Во 2004 година Кремљ немаше капацитет за воена интервенција, туку ја контролираше ситуацијата преку политички и економски канали; во 2014 година Русија делумно интервенираше воено, а во 2022 година целосно.
Од друга страна, иако проевропските опции во Украина беа поддржани од дел од рускојазичното население, особено од средната класа и деловната елита, како и од руските либерали, во „портокаловиот“ табор надвладеа националистичкиот пристап кон културната, јазичната и идентитетската политика – тренд што опстојува до ден-денес.
Украинизација
Тој пристап, инспириран од идеи од западна Украина и дијаспората, каде што се развил „потврд“ национален идентитет, го гледаше рускиот јазик и култура како закана за опстанокот на украинската нација. Таквиот став ги разочара поддржувачите на моделот на „втора/поинаква“ Русија.
Наместо тоа, Украина тргна по пат на јасно и неповратно одвојување од рускиот или заедничкиот идентитет. Во 2000-тите години овој концепт ги постави темелите за раскол во украинското општество, зајакнувајќи ги проруските чувства во рускојазичните региони и поттикнувајќи процеси што доведоа до Мајдан, што Кремљ умешно го искористи. Процесот се забрза по 2014 година, а во 2022 година „влезе во петта брзина“.
Со таа разлика што по руската инвазија процесот почна да се одвива од два правци – одозгора и одоздола. Одозгора, украинските власти воведоа исклучиво украински јазик во јавниот простор, институциите и медиумите, со што беа нарушени правата на другите малцинства. Одоздола, рускофоните граѓани доброволно и саминицијативно преминаа на украински јазик како форма на отпор.
Единствениот период кога оваа политика беше ублажена помеѓу 2014 и 2022 година беше на почетокот од мандатот на претседателот Зеленски, кој значително ги амортизираше тензиите околу јазичните и културните прашања. Но по инвазијата, поддржувачите на „украинизацијата“ добија силен аргумент за продолжување во таа насока.
Нови превирања
Во последните месеци дојде до превирања во круговите што бараат понатамошна „украинизација“, поради мировните преговори – поточно, поради точките што предвидуваат враќање на правата за користење на рускиот јазик.
Овој услов, парадоксално и од различни позиции, го поддржуваат и Русија, и САД, и ЕУ. Покрај тоа, правилата на ЕУ налагаат почитување на верската толеранција. Без навлегување во сложените црковни прашања во Украина, ова претставува исклучително чувствителна точка за продолжување на ваквата идентитетска политика.
Доколку Украина направи отстапки во јазичните и црковните прашања – што е многу веројатно доколку се реализира мировен договор – тоа може да доведе до сериозни внатрешни проблеми. Приказната за „дерусификацијата“ не е нова, туку идеја што постои во Украина најмалку 35 години.
Најмногу поради тезата дека „далеку од Москва“ не значи само „далеку од Путин“, туку и „далеку од Пушкин“ – што е особено предизвикувачко, бидејќи украинскиот и рускиот идентитет во голема мера се испреплетени и тешко одделиви. Затоа процесот на „дерусификација“ не може да биде ист како во балтичките земји или во Централна Азија.
Рускиот јазик
Иако рускиот јазик со векови бил алатка на империјалната политика – како и англискиот, францускиот или шпанскиот – тој и понатаму е мајчин јазик за значителен дел од граѓаните на Украина. Идејата дека еден јазик е „вистински мајчин“, а друг „јазик на агресорот“, е површна и погрешна теза.
Постојат историски, културолошки и етнолингвистички причини зошто дел од украинските граѓани рускиот јазик и понатаму го сметаат за „свој“. Во тој контекст, мировниот договор може да создаде сериозни предизвици за понатамошната изградба на украинскиот идентитет. Како што беше наведено на почетокот, изградбата на современиот украински идентитет започна токму преку процесот на „дерусификација“.
Изградба на нацијата и идентитетски судир
Поедноставено, поттикната од националната мобилизација и идентитетското позиционирање, Украина гради нова нација во која Пушкин или Булгаков повеќе не се симболи на културата, туку симболи на минатото од кое земјата се дистанцира. Тоа значи дека при отстранувањето на руските културни симболи од јавниот простор се опфаќа исклучително широк спектар личности поврзани со Царска Русија и СССР, чии ставови денес се сметаат за „неприфатливи“.
Но, „дерусификацијата“ нема да биде целосно возможна доколку се задржат рускиот јазик и руската црква, макар и во изменета форма. Постој и „помека“ струја што би ги прифатила сите норми на ЕУ, вклучително и спорните точки од договорот – што може да доведе до нов идентитетски судир во Украина, сличен на оној од периодот меѓу 2000 и 2012 година.
Идентитетскиот конфликт повеќе нема да се води околу ориентацијата – Запад или Русија – туку околу прашањето што значи да се биде Украинец. На можноста за граѓански конфликт неодамна предупреди и генералот Залужни, кој деновиве се врати во Киев, особено ако мировниот договор резултира со „замрзнат конфликт“, сличен на оние во Грузија или БиХ, каде внатрешните поделби стануваат хронични и подложни на надворешна манипулација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата