САД го закажаа својот прв тест на интерконтинентална балистичка ракета (ICBM) способна да носи нуклеарно оружје, откако американскиот претседател Доналд Трамп нареди продолжување на тестирањето, објавува „Newsweek“.
Тестното лансирање на американската ракета „Minuteman III“ треба да се случи помеѓу среда и четврток.
Ракетата ќе биде лансирана од вселенската база Ванденберг во Калифорнија и треба да стигне до тест-полигонот за ракетна одбрана „Роналд Реган“ на атолот Кваџалеин, на Маршалските Острови, во централниот Тихи Океан.
Доколку лансирањето биде потврдено, вселенското летало ќе следи слична траекторија како за време на тестот во мај оваа година, кога невооружена ракета со еден модул за враќање прелета околу 6.800 километри од Калифорнија на запад.
Ова би бил втор тест на американските нуклеарни сили во последните месеци. Во септември, подморница на американската морнарица испали четири невооружени балистички ракети „Trident II D5“ во Атлантскиот Океан покрај брегот на Флорида.
Дострел од 9.600 километри
Според Федерацијата на американски научници (FAS), американските воздухопловни сили имаат околу 400 ракети Minuteman III распоредени во силоси во Колорадо, Монтана, Небраска, Северна Дакота и Вајоминг. Секоја од нив има дострел од повеќе од 9.600 километри. Иако на секоја ракета ѝ е доделена една нуклеарна боева глава, тие технички се способни да носат две или три.
Минатата недела, претседателот Трамп објави дека му наредил на Министерството за одбрана „веднаш да започне со тестирање на нуклеарно оружје“, оправдувајќи ја одлуката со тоа што Русија и Кина, главните нуклеарни соперници на Америка, спроведуваат свои тестови.
Министерот за енергетика на САД, Крис Рајт, подоцна појасни дека тестовите нема да вклучуваат вистински нуклеарни експлозии, туку симулации на сите други фази од процесот, со цел да се провери сигурноста на системот што би активирал нуклеарна реакција во реални услови.
Редовни тестови, а не одговор на конфликти
Глобалната команда за удар на американските воздухопловни сили соопшти дека станува збор за „рутински и редовен тест“ што се спроведува неколку пати годишно.
„Овие тестови се планирани однапред и не се поврзани со актуелните светски настани. Целта на тестовите е да се потврди дека американското нуклеарно средство за одвраќање останува безбедно, сигурно, ефикасно и способно да одговори на заканите од 21 век, како и да ги увери нашите сојузници во американската одбранбена подготвеност, стои во соопштението објавено по последното лансирање во мај.
Сè уште не е познато како ќе реагираат Русија и Кина доколку се спроведе планираното тестирање.
Москва неодамна тестираше торпедо способно да носи нуклеарна боева глава, додека Пекинг претстави нова интерконтинентална балистичка ракета за која тврди дека може „да стигне до која било точка на планетата“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата