logo
logo
logo

КОБНО ПЛАНИНАРЕЊЕ ИЛИ СМИСЛЕНО ЗЛОСТОРСТВО? Наследникот на модната империја „Манго“ обвинет за убиство на сопствениот татко!

Vecer | 19.05.2026

КОБНО ПЛАНИНАРЕЊЕ ИЛИ СМИСЛЕНО ЗЛОСТОРСТВО? Наследникот на модната империја „Манго“ обвинет за убиство на сопствениот татко!

Полицијата во Барселона го уапси четириесет и петгодишниот Џонатан Андик под сомнение дека го убил својот татко, милијардерот и основач на познатиот моден бренд „Манго“ (Mango), Исак Андик.

Трагедијата се случила во декември 2024 година за време на заедничко планинарење, кога седумдесет и едногодишниот моден могул загина по пад од карпа висока речиси 150 метри.

Џонатан Андик, кој од самиот почеток тврди дека е невин, е приведен во судот во Марторељ за да даде официјална изјава пред истражен судија, како што пренесува весникот „Ел Паис“ (El País).

Пресврт во истрагата и сомнителни изјави

Иако полицијата во почетокот го водела случајот како несреќа, истрагата доби целосно нов пресврт во октомври 2025 година, кога синот и официјално беше именуван како осомничен.

Таткото и синот на кобниот ден шетале по патеката „Лес Феишадес“ (Les Feixades), која ги поврзува пештерите Салнитре во Кољато со познатиот манастир Монсерат.

Истражителите нагласуваат дека оваа рута инаку важи за прилично безбедна и дека не е особено опасна. Според верзијата на Џонатан, тој одел пред својот татко и на само неколку метри од паркингот слушнал звук на одронети камења. Кога се свртел, го видел татко му како паѓа по незаштитената карпа, а постариот Андик починал на лице место.

Меѓутоа, полицијата ја повлече првичната теорија за несреќен случај поради сериозни контрадикторности и таканаречени „сиви зони“ во изјавите на Џонатан.

Меѓу другото, утврдено е дека тој лажел за местото каде што го паркирал автомобилот, како и за тоа дека не го фотографирал теренот, иако доказите го покажале спротивното. Регионалната полициска управа „Мосос д'Ескуадра“ (Mossos d'Esquadra) сè уште одбива да даде официјални коментари бидејќи истражниот судија прогласи тајност на постапката.

Сведоштва за напрегнатите односи и ставот на семејството

Во рамките на истрагата беше сослушана и партнерката на Исак, професионалната голферка Естефанија Кнут, која односите меѓу таткото и синот ги опиша како исклучително напрегнати.

Џонатан уште во почетокот на минатата година беше детално испрашуван подолго од три часа, а полицијата тогаш зеде изјави и од личниот возач на Исак, како и од службеникот кој прв пристигнал на местото на несреќата.

Семејството Андик по повод овие настани се огласи преку портпарол, наведувајќи дека длабоко го почитуваат правниот процес, дека ја продолжуваат целосната соработка со надлежните органи и дека се уверливи дека набрзо ќе се докаже невиноста на Џонатан, со напомена дека во иднина повеќе нема јавно да се огласуваат.

Наследството и вредноста на модната империја

Исак Андик, кој зад себе ги остави и ќерките Џудит и Сара, го основаше „Манго“ во 1984 година заедно со својот брат Нахман. До март 2024 година, оваа модна империја вработуваше повеќе од 14.000 луѓе во преку 2.700 продавници ширум светот.

Магазинот „Форбс“ (Forbes) непосредно пред смртта го процени богатството на Исак на 4,5 милијарди долари, што го правеше најбогатиот човек во Каталонија и еден од најимотните во Шпанија.

По смртта на таткото, неговите три деца ја презедоа контролата врз 95 отсто од сопственоста на компанијата, која денес ја делат на целосно еднакви делови.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk