Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, планира да оствари официјална посета на Атина, изјави американската амбасадорка во Грција, Кимберли Ен Гилфојл, што укажува на растечкиот интерес на Вашингтон за југоисточниот Медитеран.
Зборувајќи во Атина на презентацијата на новиот документарен филм за првата дама на САД, Меланија Трамп, Гилфојл рече дека со нетрпение го очекува доаѓањето на американскиот претседател и неговата сопруга во Грција, објави денес Euractive.
„Знам дека претседателот ќе дојде и навистина се радувам на нивната посета, исто така и на Меланија. Тоа би било голема чест за земјата“, рече Гилфојл.
Амбасадорот на САД во Грција не прецизираше кога би можела да се случи посетата, ниту дали Трамп ќе посети и други земји од стратешко значење за САД, како што се Израел, Кипар или Турција.
Според Eurоactivе дури и самото најавување на посетата има политичка тежина за Југоисточна Европа, регион оптоварен со тензии поради поморските спорови, особено меѓу Грција и Турција, како и несогласувања околу енергетските ресурси.
Од реизборот на Трамп, американските компании ги зголемија инвестициите во истражување на гас и нафта во Источниот Медитеран.
Гилфојл претходно ја опиша Грција како „клучен играч во енергетската иднина на Европа“.
За разлика од повеќето партнери на САД во Европската Унија, Атина го дели ставот на Трамп дека Европа треба да го зголеми увозот на течен природен гас (LNG) од САД.
Аналитичарите проценуваат дека зголемениот американски интерес за енергетскиот потенцијал на регионот на Југоисточна Европа може да ги промени постојните односи и да изврши притисок врз долгогодишните соперници да најдат политичко решение.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата