Независната обдукција на Рене Гуд, жената која почетокот на јануари во Минесота беше убиена од агент на имиграциската служба (ICE), покажа дека била погодена најмалку три пати – во глава, рака и гради. Ова го објавија адвокатите на семејството, нагласувајќи дека резултатите го доведуваат во прашање тврдењето на федералната влада за самозаштита.
Прелиминарните наоди од обдукцијата во среда ги опиша адвокатската фирма ангажирана од семејството. Од фирмата соопштија дека целосниот извештај од обдукцијата засега нема да биде објавен.
Според адвокатите, еден куршум ја погодил Гуд во левата подлактица и предизвикал крварење на мекото ткиво, додека другиот ја погодил во градите, но не погодил никаков витален орган. Ниту една од овие повреди, според извештајот, не била непосредно смртоносна.
Третиот куршум ја погодил левата страна на главата, во пределот на слепоочницата, и излегол од десната страна на главата. Покрај тоа, забележана е и гребнатина која била во согласност со повреда од огнено оружје, но без навлегување на куршум.
Обдукцијата, според адвокатите, ја извршил „високо почитуван и квалификуван“ судски патолог, чиј идентитет не е објавен.
Протести во Минесота
По пукањето во Минесота избиле масовни протести. Рене Гуд, американска државјанка и мајка на тројца деца, била убиена на 7 јануари додека била во своето возило, во време на засилени федерални акции против илегална имиграција.
Федералните службеници тврдат дека агентот пукал во самозаштита, наведувајќи дека Гуд се обидела со возилото да го удри него или другите агенти. Државните и локалните власти го отфрлиле тоа објаснување и побарале имиграциската служба да се повлече од градот. Видеата од пукањето, кои се појавија во јавноста, го оспоруваат тоа тврдење.
Семејството ја ангажирало адвокатската фирма откако федералните власти започнале истрага за наводните врски на Рене Гуд со организирани групи против имиграциската служба и одбиле да започнат истрага за можно кршење на граѓанските права. Дополнителна загриженост предизвикала фактот дека ФБИ и Министерството за правда ја спречиле државата да води своја истрага, оставајќи го случајот исклучиво во надлежност на ФБИ.
Изјави на адвокатите
Главниот адвокат на семејството изјавил дека се уверени дека доказите кои ги собираат ќе бидат доволни за да ја докажат нивната тврдење. Тој истакнал дека видеата од настанот на 7 јануари се јасни, особено кога се разгледуваат преку стандарди на разумно полициско постапување и целокупните околности на случајот, и дека правниот тим ќе продолжи активно да се залага за правда за Рене Гуд и нејзиното семејство.
Од друга страна, Министерството за внатрешна безбедност соопштило дека Гуд со своето возило ги блокирала полициските службеници и го спречувала законското работење, а потоа, како што тврдат, „го претворила возилото во оружје“ и удрила федерален полицаец. Според оваа верзија, агентот пукал од страв за својот живот, животите на колегите и безбедноста на јавноста.
Додале дека мирниот протест е заштитено уставно право, но според нивното мислење, ова не било таков случај и последиците во вакви ситуации „се опасни, а понекогаш и смртоносни“.
Реакција на семејството
Родителите на Рене Гуд, Тим и Дона Гангeр, заедно со нејзините браќа и сестри, им се заблагодариле на сите кои им пружиле поддршка. Во соопштението истакнале дека Рене била „светлина на семејството“, личност која внесувала радост каде и да се појавела, а нејзиниот оптимизам бил заразен.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се осврна на случајот на конференција за новинари, изјавувајќи дека му е „ужасно жал“ поради пукањето и дека ги разбира двете страни. Тој додаде дека при работата на имиграциската служба понекогаш се случуваат грешки и нагласи дека станува збор за трагедија.
Резултатите од официјалната обдукција, извршена од надлежната служба за мртвозорство на округот Хенепин, сè уште не им се доставени на семејството ниту на нивните адвокати. Истрагата на ФБИ за пукањето сè уште е во тек.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата