logo
logo
logo

И ТАКА, „ОДЕ ВОЗ У КУКУРУЗ“ НА БЛИСКИОТ ИСТОК, а веројатно и на светските берзи (ВИДЕО)

Vecer | 18.03.2026

И ТАКА, „ОДЕ ВОЗ У КУКУРУЗ“ НА БЛИСКИОТ ИСТОК, а веројатно и на светските берзи (ВИДЕО)

ПОГОДЕН ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ СВЕТСКИ ЦЕНТРИ ЗА ПРИРОДЕН ГАС ВО КАТАР, ПО ОДМАЗНИЧКИОТ НАПАД НА ИРАН ОТКАКО ИЗРАЕЛ ГО БОМБАРДИРАШЕ НАЈГОЛЕМОТО ИРАНСКО ГАСНО ПОЛЕ 

Ирански ракети вечерва го погодија Рас Лафан, во Катар, кој е еден од најголемите светски центри за природен гас.

Катарската државна нафтена компанија објави дека ракетите го погодиле Рас Лафан вечерва, каде што се наоѓа голема рафинерија за нафта и најголемиот погон за производство на течен природен гас (LNG) во светот.

„Тимовите за итна реакција беа веднаш испратени на терен за да ги стават пожарите под контрола, со оглед на тоа што е предизвикана голема материјална штета“, објави „Катар енерџи“ на социјалните медиуми.

Сите вработени се безбедни и засега нема жртви, се наведува во соопштението.

Катар објави дека „дрските“ ракетни напади врз индустрискиот град Рас Лафан се „директна закана за неговата национална безбедност и стабилноста на регионот“.

„Иранската страна ја продолжува својата политика на ескалација што го турка регионот кон бездната и ги влече земјите што не се дел од оваа криза во кругот на конфликтот“, објави катарското Министерство за надворешни работи на социјалните медиуми.

Во соопштението се додава дека Катар „го задржува правото да одговори“ и дека „нема да се двоуми да преземе сите потребни мерки за да го заштити својот суверенитет, безбедност и безбедноста на своите граѓани“.

Катар ги протера иранските претставници

Катарското Министерство за надворешни работи вечерва на мрежата X објави дека ги прогласило воените и безбедносните претставници на иранската амбасада, како и персоналот од нивните канцеларии, за непожелни.

Министерството соопшти дека ги замолило да ја напуштат земјата во рок од 24 часа.

Одлуката е донесена по повторените ирански напади и агресивни акции кон Катар, се наведува во соопштението за медиумите.

Сателитски приказ на иранските удари вио Катар, Х
Сателитски приказ на иранските удари вио Катар, Х

Пезешкијан: Нападите врз енергетската инфраструктура би можеле да доведат до неконтролирани последици

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан објави на мрежата X дека „силно ги осудува“ израелските напади врз енергетската инфраструктура на Иран, откако гасниот комплекс Јужен Парс беше цел порано денес.

„Ваквите агресивни потези нема да донесат ништо за ционистичко-американскиот непријател и нивните сојузници. Напротив, тие дополнително ќе ја комплицираат ситуацијата и би можеле да доведат до неконтролирани последици чии размери би можеле да влијаат на целиот свет“, предупреди Пезешкијан.

Иран одговори со напади врз земјите од Заливот, вклучувајќи ги Катар, Бахреин и Саудиска Арабија.

АП: Америка не учествуваше во нападот врз гасното поле

Соединетите Американски Држави беа информирани за плановите на Израел да го нападне огромното гасно поле Јужен Парс во Иран, но не учествуваа во нападот, изјави извор запознаен со ситуацијата за Асошиејтед Прес.

Изворот, кој не беше овластен јавно да зборува и зборуваше под услов на анонимност, одби да каже дали американската администрација ја поддржува одлуката на Израел да го нападне гасното поле, кое е дел од најголемото такво поле во светот и клучен столб на снабдувањето со енергија на Иран.

Израелски извор претходно изјави за Си-Ен-ЕН дека Израел ја нападнал рафинеријата Асалује во југозападен Иран. Друг израелски функционер рече дека израелскиот напад врз иранскиот објект Јужен Парс бил извршен во координација со САД.

Рас Лафан е индустриски град и огромно енергетско пристаниште во Катар

Рас Лафан е индустриски град и огромно енергетско пристаниште во Катар, сместен на североисточниот брег на земјата. Таму има големи постројки за преработка и за извоз на гас и пристаниште од каде се извезува енергија во целиот свет. Катар е еден од најголемите извозници на гас.

Иранскиот напад следи откако денеска беше нападнато иранското гасно поле Јужен Парс, кое се смета за најголемо во светот. По овој напад Иранската гарда најави дека вечерва ќе ги нападне енергетските центри во Катар, Саудиска Арабија и во Обединетите Арапски Емирати и повика луѓето да се евакуираат од околината на рафинериите.

Нападот врз иранското гасно поле ги зголеми цените

Цената на нафтата денескасе приближи до нивото од 110 долари за барел, а цените на гасот исто така се зголемија, откако Иран објави дека воздушен напад на САД и Израел ја погодил неговата гасна инфраструктура. Ова е првиот напад врз производството на фосилни горива во Иран од почетокот на војната. Иран најави соодветна одмазда.

Иранските државни медиуми објавија дека гасните постројки во огромното поле Јужен Парс, кое Иран го управува заедно со Катар, се нападнати денеска (среда, 18 март). Поради нападот, неколку петрохемиски постројки се затворени, за да се спречи ширењето на пожарот.

Меѓународната референтна цена на нафтата од типот Брент се зголеми за дури 5 проценти, на 108,60 долари за барел, додека цената на европскиот гас скокна за повеќе од 7,5 проценти, на над 55,5 евра за мегават час.

Катар го осуди нападот

– Нападот врз енергетската инфраструктура претставува закана за глобалната енергетска безбедност, како и за народите во регионот и животната средина. Напаѓањето на објекти поврзани со иранското поле Јужен Парс од страна на Израел е опасен и неодговорен чекор во услови на моменталната воена ескалација во регионот – рече портпаролот на катарската влада, Маџид ал-Ансари.

Нападот врз рафинеријата Асалује е голема ескалација за Иран

Рафинеријата Асалује е една од најголемите рафинерии за нафта и гас во Иран. Се наоѓа во покраината Бушер, недалеку од реакторите таму, покрај Персискиот Залив, близу до земјите од Заливот. Тоа што беше погодена денеска е голем развој на настаните во Иран.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk