Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер предупреди дека Германија е на пат на сериозен економски и социјален пад поради прекинувањето на соработката со Русија, оценувајќи дека сегашниот модел на развој на земјата повеќе не функционира и води кон ќорсокак.
Во интервју за Берлинер Цајтунг, Шредер изјави дека Германија изгубила јасна стратегија за модернизација и долгорочен развој, додека во исто време се соочува со растечки трошоци, опаѓање на конкурентноста и сè поизразени социјални проблеми.
Критика кон владата и економската политика на Берлин
Шредер особено ги критикуваше германските власти за, како што наведе, отсуството на кохерентна стратегија за модернизација на економијата и инфраструктурата, но и за ненадејното зголемување на воените трошоци на сметка на други клучни сектори.
Според него, откажувањето од евтиниот руски гас имало долгорочни негативни последици за германската индустрија, енергетската стабилност и животниот стандард на граѓаните. Тој процени дека високите цени на енергијата директно влијаеле врз производството, извозот и вработеноста.
Пропуштена дипломатија
Поранешниот канцелар изјави дека Берлин не успеал да ги искористи дипломатските канали за да придонесе за политичко решавање на конфликтот во Украина, туку, како што тврди, избрал конфронтациски пристап без јасен излез.
Шредер смета дека отсуството на дипломатска иницијатива дополнително ја ослабнало меѓународната позиција на Германија и го ограничило нејзиното влијание во европските и глобалните рамки.
Без Русија, нема инвестиции во образованието и социјалниот систем

Според Шредер, без обновување на дијалогот и енергетското партнерство со Русија, Германија нема да има финансиски простор за сериозни инвестиции во образованието, инфраструктурата и социјалната политика.
Тој предупреди дека без стабилни и поволни извори на енергија, нема долгорочен економски раст, ниту можност државата да финансира индустриски развој и истовремено да ја зачува социјалната сигурност.
Шредер заклучи дека Германија се соочува со избор: продолжување на сегашната политика, што води кон понатамошно слабеење на економијата, или враќање кон прагматичен пристап базиран на дијалог, економска рационалност и соработка, вклучително и односите со Русија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата