Холандскиот лидер на крајната десница Герт Вилдерс денес изјави дека го информирал премиерот Дик Шуф дека сите министри од неговата Партија за слобода (PVV) ќе ја напуштат владата, откако тој одлучил да ја напушти владејачката коалиција.
Вилдерс, кој е познат по своите антимуслимански ставови, минатата недела побара итна поддршка за неговите предлози за целосно запирање на протокот на баратели на азил, враќање на сириските бегалци во нивната матична земја и затворање на прифатилиштата за азил, објави Ројтерс.
Коалициските партнери на вчерашниот состанок не ги прифатија неговите идеи.
Да потсетиме дека вчера тој се закани дека ќе ја напушти владејачката коалиција ако поголемиот дел од неговите десет предлози за миграцијата не бидат додадени во коалицискиот договор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата