Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не бара директна војна со НАТО, туку се обидува да ја ослабне Алијансата одвнатре и да го поткопа нејзиното единство.
„Не верувам дека Путин сака целосна војна против НАТО. Неговата цел е да ја уништи Алијансата одвнатре, да ја тестира нејзината решителност и солидарност“, рече Писториус во интервју за германскиот весник Цајт.
Тој оцени дека Русија не покажува подготвеност да ја заврши војната во Украина и дека само Путин „може веднаш да го запре конфликтот“.
Зборувајќи за улогата на Соединетите Американски Држави, Писториус предупреди дека Европа мора да биде подготвена за сценарио во кое Вашингтон делумно се откажува од своите безбедносни обврски.
„Американците остануваат незаменливи, особено кога станува збор за нуклеарно одвраќање, но Европејците ќе мора многу повеќе да се потпираат на сопствените способности во иднина“, рече тој.
Писториус додаде дека слабеењето на трансатлантското партнерство би претставувало сериозен безбедносен ризик.
„Европа без САД нема споредлива нуклеарна сила за одвраќање. Затоа е во интерес и на Европа и на Америка НАТО да остане силен“, нагласи германскиот министер за одбрана. Тој предупреди дека Русија внимателно ги следи реакциите на Алијансата.
„Путин ги тестира границите - прашањето е дали НАТО секогаш реагира решително. Токму затоа единството на сојузниците останува клучно“, заклучи Писториус.
Писториус рече дека неодамнешните разговори меѓу европските партнери, САД и Украина, се важни за усогласување на позициите и дека одлуката на Европската Унија да додели бескаматен заем од 90 милијарди евра ќе ѝ помогне на Украина да ги покрие своите воени потреби во следните две години.
Зборувајќи за можните безбедносни гаранции, Писториус изјави дека размислувањата за мултинационална мировна мисија предводена од Европа се „хипотетички засега“, но истакна дека во тој случај Соединетите Американски Држави ќе мора да играат клучна улога.
Писториус нагласи дека Германија продолжува да го зајакнува Бундесверот преку зголемување на бројот на војници, зајакнување на резервата и забрзана набавка на оружје, но предупреди дека индустриските капацитети не можат да се прошират преку ноќ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата