Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека за време на неговата посета на Кина, му се заканил на Пекинг со царини доколку не преземе мерки насочени кон намалување на растечкиот суфицит во трговијата со Европската Унија.
За време на посетата на Кина претходно во декември, Макрон ги повика лидерите на земјата да ја засилат соработката во врска со „неодржливите“ глобални трговски нерамнотежи, геополитиката и животната средина.
„Се обидов да им објаснам на Кинезите дека нивниот трговски суфицит е неодржлив затоа што ги уништуваат сопствените клиенти, особено затоа што веќе не увезуваат многу од нас“, рече Макрон во интервју објавено во неделата од францускиот весник „Лес Ехос“.
„Им кажав дека ние Европејците, ако не реагираат, ќе бидеме принудени да преземеме силни мерки во наредните месеци, по примерот на Соединетите Американски Држави, како што е, на пример, воведувањето царини за кинески производи“, додаде тој.
Трговскиот дефицит на ЕУ со Кина порасна за речиси 60 проценти од 2019 година.
Макрон во минатото промовираше силен европски фронт против Кина, притискајќи го Брисел да примени протекционистички контрамерки за да го забави увозот на кинески стоки што негативно влијаат на европската индустрија.
Францускиот претседател, исто така, ги повика кинеските компании да инвестираат во Европа и да „создаваат вредност и можности за Европа“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата