logo
logo
logo

Мега пресметка во Милано: Интер или Барса – кој ќе оди во Минхен? (ФОТО)

Vecer | 06.05.2025

Мега пресметка во Милано: Интер или Барса – кој ќе оди во Минхен? (ФОТО)

Вечерва од 21 часот на „Џузепе Меаца“ во Милано, се игра реванш мечот од полуфиналето во Лигата на Шампионите меѓу Интер и Барселона. По оние фантастични 3:3 во Каталонија минатата недела, неутралните фанови очекуваат нов спектакл, нова мега – пресметка. Ако по првиот меч сите бевме восхитени на таа претстава, што ли само можеме да очекуваме вечерва.

А вечерва е момент на вистината. Интер или Барса – кој ќе оди во Минхен во финалето на 31 мај.

Тоа ќе го дознаме некаде околу 23 часот или подоцна ако има продолженија и пенали.

За Интер и Иназаги главен фактор е дисциплината, играта на резултат, домашните фанови, искуството.

За Барса и Флик фактор на успехот на овој меч се Јамал, младоста и полетноста, квалитетот, знаењето како треба.

Интер нема пораз на последните 15 меча на својот стадион во Лигата на Шампионите, под прашање е настапот на капитенот Лаутаро Мартинез, сепак како што се наближува почетокот на мечот расте оптимизмот дека сепак ќе настапи.

Барселона ги има Јамал и Рафиња, Левандовски се враќа, но прашање е дали ќе биде стартер или мечот ќе го започне од клупа.

И сега едно мало потсетување. Во 2010 година, во тоа полуфинале Интер беше подобар од Барса, прво дома со 3:1 па после на гости со 0:1, за да потоа Пандев и другарите славеа во финалето со 2:0 на “Сантијаго Бернабеу“ против Баерн Минхен.

Ова е шанса за Барселона за одмазда.

Инаку Барса посакува финале по пауза од 10 години кога последен пат го освои „ушлето“ во таа 2015 со Луис Енрике на клупата и со Меси, Нејмар, Суарез во нападот.

Сепак и сега Барса има блескав тим,сака финале, го сака „ушлето“, но треба да се прескокне Интер и тоа пред 80.000 домашни фанови на “Меаца“.

Време е за спектакл, време е за нова епска пресметка.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk