По традиција кога станува збор за нашиот медиум за секое ЕП или СП, како што е ова кое стартува денеска, и сега се погриживме да имаме свои коментатори кои и тоа како нешто значат во мак – фудбалот, како поранешни репрезентативци и фудбалери, некогашни селектори, наши познати тренери.
Мирсад Јонуз, Срѓан Захариевски, Артим Шаќири и Горазд Михаилов ќе бидат коментатори на денот на „СпортСпорт“, кои со своите коментари и видувања за нашите читатели, ќе го направат ова СП уште поинтересно.
Затоа следете го „СпортСпорт“.
За почеток 4Х6 прашања за сите четворица со цел да се “загрееме“, да ги видиме нивните очекувања, прогнози, за кого тие ќе навиваат и слично
Почнуваме!
ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
1.Кој ќе биде шампион и зошто според вас токму таа селекција ќе го освои трофејот?
-Мирсад Јонуз:“Па, се знае. Нема ништо ново да кажам. Како и досега според мене најголеми шанси имаат Шпанија, Германија, Франција, Бразил, Аргентина, Португалија, Англија. Во многу ќе зависи и од тајмингот кога се игра, рекуперацијата, тактиката секако, чувањето на силите. До титулата се доаѓа по осум одиграни мечеви“.
-Срѓан Захариевски:“Како прво Франција, а потоа Шпанија, Португалија, Бразил и Аргентина. По малку сум скептичен во однос на Англија и Германија. Сепак зависи од многу работи, а се знае како се освојува титула, а Франција има моќен,супер тим, но ќе видиме“.
-Артим Шаќири:“Според традицијата тие се тие фаворити, како Франција, Бразил, Аргентина, Шпанија, Англија…тоа веќе многупати е кажано. Не би издвоил ниту една, турнирот е долг, ќе биде доста напорно“.
-Горазд Михаилов:“Најголем фаворит за титулата е Шпанија. Оваа селекција располага со извонредни индивидуални квалитети. Селекторот може да состави два тима кои што против секого знаат што и како. Би ги спомнал и Бразил, Англија, Португалија, Аргентина како актуелен шампион“.
2.Изненадувања?
-Мирсад Јонуз:“Хрватска не е во овие топ фаворити, но ако може некоја селекција до добар резултат да дојде а не е меѓу горе споменатите, тоа секако дека се Хрватите. Имаат квалитет во секој случај“.
-Срѓан Захариевски:„Мароко, иако и нема да биде изненадување ако дојде како на минатиот шампионат до полуфиналето. Хрватска и Белгија веќе го надминаа својот зенит и не ги гледам во завршницата“.
-Артим Шаќири:“Не исклучувам некои изненадувања. Можеби на ова СП некоја селекција која досега не била светски првак и ќе дојде до трофејот“.
-Горазд Михаилов:“Изненадувањата на вакви првенства секогаш се присутни и можни. Од оние кои можат да изненадат тука се Норвешка, потоа Гана. Да не ја заборавиме ни Хрватска која на последните две СП беше втора и трета, но со игрите во последно време не ми дава некој преголем оптимизам“.
3.Странец селектор досега никогаш не освоил титула. Дали ова значи дека Бразил (Анчелоти), Англија (Тухел) и Португалија (Мартинез) нема да бидат?
-Мирсад Јонуз:“Време е да се урне таа традиција. Сите три селекции се меѓу топ – фаворитите и како што веќе реков имаат реална шанса да дојдат до титулата“
-Срѓан Захариевски:“Бразил е Бразил, а кој смее да го отпише еден Карло Анчелоти, секако не и Тухел со Англија или Мартинез со Португалија. Време е да се урне таа традиција“.
-Артим Шаќири:“Тоа е историја, а сегашноста е сосема нешто друго. Сите тројца имаат големи шанси да дојдат до пехарот. Сите тројца и тоа како знаат што треба, а имаат и одлични репрезентации“.
-Горазд Михаилов:“Од оние кои имаат селектори странци, предност би дал на селекцијата на Англија бидејќи доаѓаат играчи од најсилната лига во светот. Играчи кои се во подем и на последните неколку првенства покажаа дека имаат квалитет. Тухел може да се носи со таа улога. Португалија и Мартинез се тука меѓу фаворитите, а за Анчелоти немам зборови. Клупски тренер кој забележа исклучителни резултати. Ќе му биде тешко со селекцијата на Бразил, знаеме каква е ситуацијата во таа репрезентација“.
4.За кого ќе навиваш?
-Мирсад Јонуз:“Се знае, за Босна и Херцеговина. Да играше Македонија ќе навивав со цело срце за нашата репрезентација, вака искрено сум за БиХ, а потоа и за Хрватска“.
-Срѓан Захариевски:“Моите симпатии одат за Португалија. Имаат супер тим, имаат екстра квалитет и ми се допаѓа нивниот стил“.
-Артим Шаќири:“Не се двоумам, за Англија ќе нивавам. Имаат одлична репрезентација. Екстра квалитетни, а воедно и млади играчи, кои заедно со поискусниот Хари Кејн може да дојдат до финалето и да го освојат трофејот“.
-Горазд Михаилов:“Моите симпатии се кон БиХ. Покажаа во плеј – офот против Велс и Италија дека имаат капацитет, но за нешто многу големо не се толку кадарни, но јас ќе навивам за нив. А секако дека ќе ја следам и Хрватска со симпатии и ќе навивам“.
5.Ќе ги следиш пасионирано сите натпревари или само оние најинтересните со оглед на тоа дека се играат во незгодно време за нас во Европа?
-Мирсад Јонуз:“Сакам да гледам се што има на СП, сепак не е можно, посебно ако се знае дека се играат и во крајно незгодно време за нас во Европа. Сепак нема да пропуштам она што ќе биде најинтересно“.
-Срѓан Захариевски:“И да сакаш не можеш се да гледаш. Затоа постојат хајлајтси, анализи, снимки. Сепак ќе бидам во тек тоа е повеќе од јасно“.
-Артим Шаќири:“Ова првенство ќе биде посебно, ќе биде спектакл, тука нема дилеми. Сепак и преобемно. Ќе настојувам да не пропуштам она што ќе биде најинтересно“.
-Горазд Михаилов:“Со оглед на временската разлика секако ќе ги бирам оние натпревари кој што се најинтересни и оние кои се во оној норнален период за следење. Јасно е дека доколку ќе бидам во можност ќе ги следам и сите останати. Овие СП се еднаш во четири години и за нас тренерите убаво ќе биде да видиме кои се новите фудбалски трендови“.
6.Јамал, Меси, Роналдо, Мбапе, Кејн, Нејмар, кој од овие мега – ѕвезди ќе го одбележи Мундијалот или предвидуваш дека тоа ќе биде некој друг?
-Мирсад Јонуз:„Па, според мене тоа ќе биде Мајкл Олисе од Франција. Значи никој од овие што ги споменувате. Мајкл Олисе во моментов е најдобриот фудбалер во светот, без конкуренција“.
-Срѓан Захариевски:“Од онаа селекција која ќе биде светски првак од таму ќе дојде и најдобриот. Сите овие што ги споменувате можат да го одбележат шампионатот. Според мене сите погледи ќе бидат свртени кон Меси и Роналдо, па и Модриќ, ако се знае дека ова ќе им биде последно СП во нивните кариери“.
-Артим Шаќири:„Секоја чест за сите овие, но јас не би издвоил никого. Јасно е дека убаво е да има супер – ѕвезди, сепак до пехарот се доаѓа со тим, колективот е во преден план. Нека почне првенството па ќе видиме кој ќе се издвојува“.
-Горазд Михаилов:“Во глобала тоа се играчите кои треба да го одбележат СП. Јамал е ѕвезда која наидува, пред него се уште 3-4 СП. За Меси и Роналдо ова ќе биде последен Мундијал, и ќе сакаат да остават трага и на ова СП. Мбапе и Нејмар се екстра, светски играчи. Што да се каже за Кејн? Извонреден индивидуалец, но и тимски играч. Не знам, можеби Јамал ќе го одбележи Мундијалот“.