Фудбалската репрезентација на Норвешка, противник на Англија во четвртфиналето на Светското првенство, се исели од својот петзвезден хотел во Мајами по само една ноќ поради незадоволство од условите. Тренерот и играчите се пожалија на низа проблеми кои, како што тврдат, им ги нарушиле подготовките за клучниот натпревар, пред кој го напуштиле сместувањето вредно 250 долари од ноќ, пишува Дејли Меил.
Ерлинг Халанд и неговите соиграчи првично биле сместени во хотелот „Далмар“ во Форт Лодердејл, но набрзо го изразиле своето незадоволство. Тие биле вознемирени од бучавата од блиското градилиште и прометниот пат, недостатокот на заедничка просторија за состаноци и оддалеченоста од четири километри до плажата. Според норвешкиот „Дагбладет“, некои играчи биле разочарани и од стандардот на чистота.
И покрај фактот дека хотелот има луксузен базен и пространи апартмани, тимот брзо се преселил во хотелот „Фор Сизонс“ на плажата со помош на волонтери.
„Имаше некои работи што можеа да бидат подобри, па ги поправивме. Само сакаме да ги оптимизираме условите и да се подготвиме на најдобар можен начин за важен натпревар“, рече капитенот Мартин Едегард.
Тренерот Столе Солбакен додаде: „Неколку работи беа погрешни таму. ФИФА се согласи и беше многу услужлива. Сакате да имате место за собирање и средби. Сè на сè, имаше премногу ситници. Не е дека не можете да живеете таму, туку мора да бидеме тим, да бидеме заедно како целина.“
Раководството на норвешката репрезентација се обрати до ФИФА, која покажа разбирање за жалбите и помогна во организирањето на преместувањето. Новиот хотел е поскап, а разликата засега ја плати Норвешката фудбалска асоцијација, но ФИФА подоцна ќе им ги надомести сите трошоци за сместување.
„Имаше работи во хотелот каде што престојувавме што би сакале да бидат поинакви. Сметавме дека треба да се направи нешто“, рече шефот на норвешката делегација, Трулс Дејли. „Ќе бидеме тука една недела, а веќе сме во шестата недела во САД и го играме најголемиот натпревар на оваа генерација.
Благосостојбата на играчите, доброто расположение и добрата атмосфера се најважни за нас. Наидовме на одлично разбирање за ФИФА. Вчера беше огромен напор да се премести сè, но сега сме многу среќни. Сега тука има само среќни лица.“