Илина Соколовска, успеа да ги освои потребните бодови и ја носи Македонија на Светско првенство во ритмичка гимнастика, кое ќе се одржи во август во Франкфурт, Германија. Таа пред неколку дена настапи на Европското првенство во ритмичка гимнастика во Варна, Бугарија, натпревар, кој е клучен за квалификации за Светско.
Илина Соколовска живее со семејството во Германија, веќе одамна е дел од Бундес лигата, но посебно среќна ја прават натпреварите за Македонија, бидејќи, како што вели, пасошот и знамето се од Македонија.
Без оглед што живее во Германија, Илина на своја кожа имаше можност да ја почувствува политичката поделеност, која има навлезено во сите сфери на живеењето во Македонија и која им става сопки на сите млади спортисти, кои сакаат да напредуваат и да и го обелат образот на државата во светот. За подготовките и настапите за да си го оствари сонот и да го вее македонското знаме на Светско првенство, Илина буквaлно се плати од свој џеб, благодарејќи на родителите, кои и се неизмерна поддршка.
Во спортот во светот никого не го интересира која партија е на власт и од која држава кој доаѓа, за нив е најважно кој колку е подготвен и какви резултати постигнува. Што, за жал, кај нас не е така. Затоа Илина за да го постигне овој резултат беше на подготовки во Азербејџан, кои како свое дете ја тренираа за да постигнува резултати за туѓа држава- за Македонија!

-Два месеци претстојував во Баку, Азербејџан на подготовки. За време на тренинг кампот учествував на AGF Trophy World Cup, кој се одржа од 17 до 19 април, како и на European CUP на 3 мај. Премногу сум благодарна на Љупчо Арнаудов, претседателот на ФГСРМ, кој ми овозможи да бидам на тренинг камп во Азербејџан. Исто така на Федерацијата на Азрбејџан и сите што ми помогнаа додека бев таму , посебно Алија Пашаева. Таа ме тренираше секој ден и ми помогна да ги зацврстам кореографиите за на Европското првенство во Варна, кое се одржа од 27-31 мај. Имав одлични услови за тренинг какви што немам дома. Тренирав во високо опремена и професинална сала и под водство на искусни тренери. Тренирав шест пати неделно, по два пати на ден, а добивав и дополнителни часови по балет. Штета што не ги имам тие услови редовно, бидејќи без таков редовен тренинг не може да се очекуваат успеси на високо ниво, вели таа.
Илина ја има среќата што нејзините родители можат да и помогнат да го оставри спортскиот сон, но талентираните деца од Македонија кои ја немаат таа можност остануваат да венат во нашиот затворен круг и со уништени соништа.
-Сега треба да кажам благодарам на Азербејџан, затоа што тие ме подготвија за да го постигнам тој резултат за Македонија. Затоа пак ќе кажам дека сето ова го правам затоа што си ја сакам Македонија, вели Илина.
Фото: Ричард Мерлен
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата