Фудбалерите на Манчестер Сити по деветтипат во својата клупска историја го освоија Лига Купот на Англија, популарно наречен Карабао Куп. Во големото финале на „Вембли“, момците на Пеп Гвардиола славеа против лидерот во Премиерлигата и најголем фаворит за титулата, Арсенал со 2:0.
Стрелец на двата гола за победа на „граѓаните“ беше 21-годишниот играч за врска Нико О’Рајли, кој успеа во период од само четири минути двапати да го погоди голот на „топчиите“. Првиот гол во 60. минута дојде по една катастрофална реакција на резервниот голман на Арсенал, Аризабалага, кој испушти една центрирана топка од своите раце, а умешниот О’Рајли со глава ја спроведе во неговата мрежа.
Само четири минути подоцна, истиот фудбалер и вторпат ја погоди мрежата на Арсенал, овој пат по асистенција на Нунес за предност од 2:0 и голема победа на Сити во трката за трофеи оваа сезона на Островот.
Арсенал остана со празни раце и овој пат. „Топчиите“ досега имаат два трофеи од ова натпреварување, но последниот е освоен во далечната 1993 година.