Арсенал вечерва од 21 часот го пречекува Реал во првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на шампионите.
Менаџерот на премиер-лигашот, Микел Артета денеска изјави дека 11-те играчи на теренот и 60.000 навивачи на трибините мора да веруваат дека клубот може да го победи Реал Мадрид.
„Единаесет играчи на теренот и 60.000 навивачи на трибините мора да веруваат дека можеме да го победиме Реал. Тоа е пристапот што го сакам. Мораме да бидеме на ниво. Во оваа фаза од Лигата на шампионите ви треба домашен стадион кој ќе создаде многу посебна атмосфера. Ги поканувам сите наши навивачи заедно со нас да го играат натпреварот. Не да бидат само гледачи, туки и да играат со нас“, рече Артета.
Лондонскиот клуб никогаш не бил европски шампион, а последниот забележителен успех во Лигата на шампионите го забележа во 2006 година, кога во финалето беше поразен од Барселона.
Реал е бранител на титулата и освојувач на 15 европски шампионски титули.
„Во последните 15 години само два пати стигнавме до четвртфиналето на Лигата на шампионите, а целта ни е секогаш да бидеме во финалето. Сакаме да креираме нова историја“, заклучи Артета.