Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, зборуваше по победата на неговиот тим над Реал Сосиедад од 2:0 во натпреварот од 5. коло од шпанската Ла Лига. Тоа беше прва победа на шампионите како гости и за прв пат во сезоната Мадрид победи во втор последователен меч.
„Натпреварот испадна тежок, веројатно не заслуживме ниту да победиме бидејќи Сосиедад одигра многу добро. Моравме да се жртвуваме во тешки времиња и го ценам тоа. Слабо го започнавме натпреварот, противниците одлично притискаа на нашата половина, но секогаш успевавме да најдеме слободен играч. Не сме 100% подготвени, но индивидуално играчите значително се подобруваат. Јас сум многу задоволен, но само од резултатот. Критиките за играта ќе дојдат подоцна, сега се важни трите бода“, изјави Анчелоти.