Тренерот на Милан, Масимилијано Алегри, за денешниот „кикс“ на домашен терен против Сасуоло (2:2), рече дека само поради несмасност не успеаја да дојдат до победата.
„Игравме добро, но имаше несмасност. Можевме да бидеме малку попаметни во однос на головите, но потоа ризикувавме да загубиме. Ја прифаќаме оваа ситуација. Без оглед на играта, момците одиграа добро. Моментално сме на врвот на табелата и без разлика што ќе се случи, ќе бидеме барем трети. Суперкупот не ме засега. Пулишиќ неодамна се врати, а ми требаше дополнителен играч од средниот ред. Лофтус-Чик играше добро. Што се однесува до вториот гол, цврсто се браневме и веднаш тргнавме во контранапад. Моравме да го следиме Лориенте. Не им беше лесно да влезат во шеснаесетникот. Да се надеваме дека Габија не е повреден“, изјавил Алегри.